Алкараз е свесен дека првото место сега е далеку: Пропуштив многу можности…

by Fokus

Одлуката на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ да не учествува на актуелната азиска турнеја му даде можност и на Карлос Алкараз значително да му се доближи во трката за првото место до крајот на актуелната сезона.

Младиот Шпанец можеше да освои дури 1.500 поени во Пекинг и Шангај, но наместо тоа освои само 270 и значително ги намали шансите да стигне до Новак на врвот.

За тоа е свесен и самиот по денешниот неочекуван пораз од Бугаринот Григор Димитров (2:1) во осминафиналето на Мастерсот во Шангај.

„Да имаш ваква можност на Мастерс 1000… тешко е да прифатиш да не ја искористиш. По овој пораз првото место е малку подалеку. Ќе биде потешко… Ми претстојат турнири и ќе се потрудам да ги освојам ако сакам да имам шанса да ја завршам годината како број еден. Пропуштив многу можности да го остварам тоа“ – им се пожали Алкараз на новинарите.

Тој го пофали Димитров и истакна дека ваквиот исход е резултат на добрата игра на бугарскиот тенисер.

„За мене беше малку изненадување како вториот сет започна по тешкиот прв сет и го задржа тоа ниво и интензитет во текот на вториот и третиот“, призна Алкараз.

„Не ми дозволи да ја играм мојата игра. Цело време се обидував, но не можев, цело време се бранев и не можев да дојдам во позиција за напад“, додаде Шпанецот.

Кон крајот на месецот го очекува турнирот во Базел. Можност за нови 500 поени и доближување до Ѓоковиќ кој моментално има 2.240 поени повеќе.

Поврзани новости