По два месеца драми и натегање меѓу политичките партии попладнево пратениците и од власта и од опозицијата, конечно го изгласаат петтиот пакет антикризни мерки од кои зависеше финансиската помош за граѓаните и фирмите за време на пандемија и од кои зависеше исплатата на платите за работниците за февруари и март.
„За“ мерките гласаа 113 пратеници, вклучувајќи ја и опозицијата, како и двајцата пратеници од мнозинството, кои гласаа од посебната просторија.
Откако се обезбеди кворум со заразените пратениците од владејачкото мнозинство за 32.та седница која и претходеше на 36. седница на која требаше да се изгласаат антикризните мерки, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ влегоа во Собрание и присуствуваа на седницата, па мерките беа изгласани со поддршка и од власта и од опозицијата.
Двајца заразени пратеници се во Собрание изолирани во посебни кабини
Претходно пратениците од владејачкото мнозинство изгласаа дваесетина закони кои беа на ред на 32. седница. Законите од петтиот пакет се во собраниска процедура од средината на февруари, но пратениците никако не можеа да се усогласат да ги изгласаат.
Собранискиот спикер, Талат Џафери остана на ставот дека според Деловникот мора да помине 32. седница, па да се донесат антикризните мерки, а ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека нема да присуствува на таа седница и бараше Џафери веднаш да премине на седницата на која требаше да се гласаат антикризните мерки.
Овој судир се реши со доаѓањето на двајцата заразени пратеници од редовите на власта кои обезбедија кворум за 32. седница. Тие гласаа од посебни кабини, но опозицијата сега продолжи со обвинувања дека со овој чекор власта го загрозила здравјето на вработените и здравјето на пратениците во Собрание.
Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра. Мерките се распределени во четири столба – директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити, креирање на поволно деловно опкружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки, како и поддршка за граѓаните.