Како да ги убедиме граѓаните да почитуваат мерки кога пратеници заради пи-ар ги прекршуваат, вели Мицевски

by fokus

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски попладнево пред почетокот на закажаните седници во Собранието уште еднаш повтори дека нема да учествуваат на 34.та седница, којашто ја закажа собранискиот спикер, Талат Џафери, а која треба да помине за да се донесат антикризните мерки на 36.та седница и го повика Џафери да ја почне 36. седница за мерките од петтиот пакет.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да биде злоупотребена и да обезбедува кворум на закони кои не се во интерес на граѓаните и поврзани со криминалните афери на СДСМ и ДУИ, рече Мицевски.

Тој порача дека тие се во Собрание и бараат од „пи-ар мајсторите да се одржи 36. седница“.

По најавата дека заразена пратеничка од СДСМ со скафандер ќе дојде во Собранието за да обезбеди кворум на седниците, Мицевски вели дека се надева дека власта нема да се дрзне да го загрози здравјето на вработените во Собрание и на пратениците.

-Водат борба за медиумско внимание на сметка на компаниите и граѓаните и на сметка на здравјето на пратениците. Како да ги убедиме граѓаните да ги почитуваат здравствените мерки кога пратениците на СДСМ и ДУИ за да ги задоволат пи-ар желбите на сопственото раководство, експлицитно ги прекршуваат овие мерки и закони кои важат во државата, рече Мицевски.

Поврзани новости