По два дена протест кавадаречките угостители денес продолжија со работа: Бараме разлабавени мерки, ова е неиздржливо!

by Fokus

Откако пред два дена во знак на протест поради владините мерки, и со барање истите да бидат разлабавени, кавадаречките угостители ги затворија локалите, денес продолжија со работа.

Рестораните и кафулињата повторно се отворени, откако им било укажано дека на наредната владина седница, најдоцна до вторник, ќе се разлабават мерките и ќе започнат со работа и внатрешните делови на локалите, како и работното време во работни денови ќе се продолжи до полноќ, а пак за викенд до 01.00 часот.

Здружението ,,Тиквешки угостители” на прес конференција информираше дека вчера одржале работен состанок и комуницирале со надлежните органи.

-На барањето за отворање на внатрешните делови ни беше укажано дека во тек на наредната недела, најдоцна до вторник, на наредната владина седница, ќе бидат разлабавени мерките и тоа работно време во работни денови до 24 часот,а за викенд до 01.00 часот, како и ќе се овозможи работа во внатрешните делови според одредени протоколи. По ова ветување од страна на надлежните институции решивме да продолжиме со работа по сегашните мерки и протоколи, чекајќи ги новите мерки и протоколи на Владата – известуваат од здружението.

-Неиздржливо е со новите мерки, намален број на гости, намалено работно време, не можеме да ги поминеме ниту платите на вработените. Штетите се големи, работиме за околу 20 проценти од она кое се заработувало порано, а во Кавадарци имаме околу 40 угостителски објекти – појаснуваа угостителите.

Во Кавадарци периодов има само еден активен случај на Ковид-19. Од друга страна пак, денес во Ресен, угостителите самоиницијативно ги затворија локалите, и нема да работат во наредните две недели. Одлуката ја донеле откако пред два дена беше регистриран позитивен случај на вирусот кај вработен во ресторан, а денес има дури 14 нови случаи, од кои најголемиот број се исто така вработени во истиот локал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости