Здружението „Плоштад Слобода“ бара од градоначалникот на општина Центар и од Советот на општината да го продолжат терминот за јавната расправа и презентација за „Мал ринг“ за уште 30 дена и да се повлече планот на доработка во која ќе бидат вклучени надлежните институции, специјализираните граѓански здруженија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и граѓани кои живеат и работат во тој дел на градот.
–Повикуваме вистинската јавна расправа, веројатно и понатаму под влијание на заканата по јавното здравје, да се случи наесен, во услови кои ќе овозможат комплетна транспарентност и соодветно учество на граѓаните во овие процеси, се вели во соопштението.
Оттаму забележуваат дека специфичната планска документација којашто е објавена не е адаптирана на разбирливо ниво за просечниот граѓанин и оти недостасуваат 3Д прикази, анализи, и прирачници со кои ќе се обезбеди точност во информирање на јавноста.
– Условите за спроведување на јавна и колективна активност заради прогласената епидемија се дополнително отежнати во моментот кога е закажана јавната расправа по повод Предлог – Детaлниот урбанистички план за градска четврт Ц01 – Мал ринг 1, што практично делува како Општина Центар, Саша Богдановиќ и Цветанка Симоновска да се трудат да им го отежнат на граѓаните учеството во процесот на урбанистичко планирање. Дополнително, специфичната планска документација која е објавена не е воопшто адаптирана на ниво разбирливо за еден просечен граѓанин. Недостасуваат 3Д прикази, анализи, и прирачници со кои ќе се обезбеди точност во информирање на јавноста. Една модерна општина мора да се залага за вакви промени ако има за цел успешна и конструктивна јавна анкета и дебата.
Закажувањето и одржувањето на овие активности во спомнатите услови во најмала рака е неодговорно и потсетува на праксите на владеењето на устроението кое го уништи центарот на градот, велат од Здружението.
Ја повикуваат општината да побара изработка на Стратегиска оценка за влијанието на животната средина и изработка на долгорочна стратегија за намалување на концентрацијата на сообраќај, да се ангажираат правни експерти со цел да се изнајдат решенија за спомениците и другите градби кои се граделе нелегално, да бидат прогласени за дивоградби. Од општината се бара да се направи и експертска анализа на конзерваторските основи.