Еден од фракционерите на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски директно од протестите пред Собрание на Телевизија 24 зборуваше за вчерашните протести. Наспроти видеата од МВР, кои покажуваат фрлање со предмети и факели кон полицијата, Петровски тврди дека биле фрлени „две-три пластични флаши“ од толпата, а полицијата веднаш почнала да фрла шок бомби.
-Имаме видео и изјава, јас бев подложен на хемиски гасови, без предупредување имаше фрлено хемиски реагенс врз нас. Солзавецот не е видлив. Фрлија две-три флаши со вода, тие фрлаа шок бомби до ГТЦ, рече Петровски.
Според него, ова е најсрамен договор што можело да се смисли и вели дека нема допирна точка со идеите и потребите на македонскиот народ, договор кој буквално го доведува до заблуда народот.
-Народот беше тепан и нападнат со хемиски оружја. Бруталноста резултираше со повреди и страв да се протестира. Во Македонија се случува хипокризија, се лиферуваат лажни анкети за овој договор, медиумите лажат, на улиците се случува нешто друго. Има провокатори, вчера имаше вметнати од сите полициски станици во Скопје во цивилка. Вчера предупредив да не се прават инциденти, треба народот гордо да излезе и да не се плаши, да си го каже своето мислење, рече тој во емисијата Тренд Анализа на Телевизија 24.
На одговорот на водителката дека доколку имало медиумски мрак, тој не би зборувал во емисијата во живо, Петровски не рече ништо, единствено се насмеа.