Петровска: Македонија не може да испраќа војници во Украина

by fokus

Македонија е земја членка на НАТО, но не може да испраќа војници во Украина, вели министерката за одбрана, Славјанка Петровска коментирајќи ја улогата Македонија во украинската криза.

– Македонија е земја членка на НАТО, но согласно Вашингтонскиот договор не може да испраќа војници на територија на туѓи држави кои не се дел од НАТО Алијансата, кои не се дел од колективната одбрана на НАТО. Во ниту еден момент не употребив терминологоја дека ќе објавуваме војна на некоја друга држава. Територијалниот интегритет на Украина е нешто што максимално го почитуваме. и ја поддржуваме политиката на НАТО на отворени врати за било која земја која сака да стане членка, рече Петровска во 24 анализа на ТВ 24.

Првичната изјава на Петровска за украинската криза предизвика остри реакции во јавноста откако кажа дека се прават анализи за наше учество во можна деескалација на ситуацијата.

Таа тогаш рече дека доколку НАТО побара од македонската армија да се вклучи во можниот конфликт на границата меѓу Русија и Украина, тоа може да се случи, но само со согласност на Владата и претседателот Стево Пендаровски.

-Ангажманот на нашата армија се дефинира на конференција за генерирање на сили кои се оддржуваат под Врховна команда на сојузничките сили на НАТО за Европа и секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно можностите. Во моментов имаме обврска и изготвуваме анализи за можноста за потенцијално наше учество во можната деескалација на ситуацијата. Одлуката после ја носи Владата, но и претседателот како врховен командант, рече Петровска.

Поврзани новости