Петков го пречекува Мицотакис, сака да се види и со Ковачевски

by Фокус

Новиот бугарски премиер Кирил Петков изјави дека има желба во втората половина на јануари да се сретне со новиот премиер на Македонија, кој најверојатно ќе биде новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Во емисијата „120 минути“ на БТВ тој предложи пет работни групи – за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања, кои, според него, треба да се состануваат секој месец.

-Македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Исто така, треба да има и некој инструмент којшто ќе гарантира дека секој таков елемент на дискриминација, ќе биде оценет како неевропски – нагласил Петков.

Се разбира, додаде тој, и македонската страна има црвени линии, кои, како што вели, не може да се занемарат.

-Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата кои се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции, ќе можеме многу да добиеме заедно – истакна Петков.

Инаку, тој денеска ќе го прими грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, што е прва посета на странски премиер на Бугарија откако новата бугарска влада стапи на функција пред една недела.

Петков и Мицотакис ќе разговараат за билатералните односи меѓу Софија и Атина и можностите за нивно уште поактивен развој, а ќе разговараат и за имплементација на гасниот интерконектор што ги поврзува Бугарија и Грција, кој се очекува да профункционира на 1 јули 2022 година.

Поврзани новости