Пендаровски за Судскиот совет: Фрла темна дамка врз земјава!

by Fokus

„Ако Судскиот совет не избере претседател, судиите нема да може да земат плата“ порача денеска претседателот на државата, Стево Пендаровски откако ниту вчера не се успеа да се избере нов претседател по минатонеделното контроверзно разрешување на Весна Дамева од претседателската позиција.

Пендаровски со порака дека „мора да се реши час поскоро, но не само поради платите на судиите, туку поради темната дамка која состојбите во Судскиот совет ја фрлија врз целото демократското досие на државава“.

„Она што претставува посебен проблем, не знам колку е тоа познато во јавноста, е што претседателот на Судскиот совет, кој и да е, по словото на законот е претседател и на Судско-финансискиот совет. Тоа значи дека ако немате претседател на Судскиот совет нема кој да потпише решенија за, народски кажано, судиите да земат плата. Таа ситуација мора час поскоро да се реши не само поради платите на судиите туку затоа што тоа фрла таква темна дамка врз целото европско досие, но пред сè врз демократското досие на Северна Македонија“ – рече Пендаровски во изјава за медиумите пред почетокот на денешната конференција на тема „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“.

Тој кажа дека реакциите на Европската Унија и Амбасадата на САД во врска со случувањата во Судскиот совет не се случајни, а таквите реакции и критики, како што додаде, се најжестоки за состојбата во правосудниот систем во земјава од 1990-та до денес.

„Јас не паметам дека години наназад во Македонија сме имале толку непријатни сцени поврзани со сферата која, инаку со право е жестоко критикувана и од која што најчесто за жал ни доаѓаат негативни вести. Значи, тоа беше една ситуација која не смее да се дозволи во држава која преговара со ЕУ и утре сака да биде членка во клубот на најголемите демократии во светот“ – рече претседателот Пендаровски.

Поврзани новости