Пендаровски со здравица во Атина: Вие сте наш доследен поддржувач и промотор

by fokus

Во оваа посета која ја чекавме цели 30 години дојдовме како Ваши пријатели. Денес, за време на сите мои средби уште еднаш се уверив дека напорите кои ги вложуваме во насока на уште поголемо зближување на нашите држави и народи, се двострани и искрени, рече претседателот Стево Пендаровски за време на официјалната свечена вечера во негова чест во Претседателската палата.

Претседателот за време на здравицата, го изрази задоволството што е првиот претседател на Република Северна Македонија кој во тоа својство ја посетил Грција, а се осврна и на новата ера на соработка, веќе трета година по ред, по потпишувањето на Преспанскиот договор „со кој успеавме да затвориме едно компликувано прашање во нашите односи“.

– Договорот беше тежок чекор за двете држави, но, го постигнавме во интерес на нашата заедничка иднина, истакна претседателот.

Тој додаде дека она што стана реалност, потоа за нас е членството во НАТО „каде што сме веќе и формални сојузници, посветени на промовирање и одбрана на заедничките вредности“, а во функција на стабилноста и просперитетот на регионот и на целата евро -атлантска зона.

– Постигнавме видливи резултати за краток период и покрај сите предизвици. Речиси и да не постои сфера каде што немаме заеднички интерес за прогрес. Длабоко сум уверен дека во периодот што претстои ќе го зголемиме обемот на трговска размена и инвестиции. Сиве овие изминати години релациите меѓу двете бизнис заедници не прекинаа. Време е ние сега да креираме подобри услови за нивна уште поголема соработка. Дозволете уште еднаш искрено да се заблагодарам за континуираната грчка поддршка за процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија, каде што и покрај сите блокади со кои сме соочени, Вие сте наш доследен поддржувач и промотор, порача претседателот.

Истакна дека со грчката претседателка имаат толку многу теми за разговор, што искрено посакува што побрзо да ја види во Скопје, поканувајќи ја да ја посети Северна Македонија за да ги запознае нашите природни убавини и „се разбира, час поскоро, да продолжиме со нашите конструктивни разговори“.

Поврзани новости