Пендаровски на гости кај полскиот претседател Дуда: Поддршка за Украина

by Фокус

Претседателот Стево Пендаровски, денеска во рамки на официјалната посета на Полска, заедно со полскиот претседател Анджеј Дуда, одржаа прес-конференција, на која претходеше тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и полската делегација.

-Зборувавме за македонските евроинтеграции и отпочнувањето на нашите преговори за членство во Европската Унија. Полска отсекогаш била наш принципиелен и гласен поддржувач и во таа насока посебно ја поздравувам подготвеноста на нашите домаќини да ги користиме нивните искуства и експертиза за време на процесот на преговори. Верувам дека во следниов период, полската поддршка ќе биде засилена и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува – рече Пендаровски.

Тој додаде дека централна тема на состанокот била војната во Украина.

-Република Северна Македонија останува конструктивен партнер на западната алијанса во одговорот на руската агресија преку целосно спроведување на рестриктивните мерки на ЕУ, како и во поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во нејзините меѓународно признаени граници. Во таа насока, нема дилема дека ќе продолжиме да обезбедуваме воена и хуманитарна помош за украинскиот народ кој ја брани својата земја – рече Пендаровски.

Неизбежна тема, додаде тој, била и економската и енергетска криза.

-Иако е неспорен фактот дека меѓу нашите држави се зголемува економската соработка, заеднички констатиравме дека во наредниот период треба потесно да соработуваме на овој план. Подетално за економските предизвици ќе дискутираме подоцна во текот на денов на тркалезната маса со претставници на полските бизнис комори и претставници на македонската бизнис заедница – изјави Пендаровски.

 

Поврзани новости