Пендаровски ќе биде покровител на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски денеска за време на посетата на општина Дебар, која се релизира во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“ го посети и Бигорскиот Манастир, каде имаше средба со игуменот, Архимандрит Партениј и со братството.

Целта на посетата на Пендаровски, како што соопштија од Бигорскиот манастир е одблиску да се запознае со целокупната мисија на Братството, во пресрет на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир (1020-2020), на чијашто прослава покровител ќе биде токму тој.

Архимандритот Партениј по повод јубилејот го замолил претседателот да биде покровител на илајдагодишнината.

Во текот на следната година планирани се различни активности посветени на јубилејот, а на есен планирана е централна свечена прослава, заедно со архиереите од Синодот на МПЦ-ОА, гости од странство и многуброен народ.

-Бигорскиот Манастир е мошне значаен не само од духовна, туку и од национална гледна точка, затоа што голем дел од преродбениците од 19 век, народните будители, поминале токму низ неговото ќелијно училиште и дале голем придонес за културно-духовното богатство што го имаме денес. Затоа, треба сите да се вложиме и да го прославиме големиот роденден на нашиот славен Манастир, изјавил архимандритот Партениј.

Според древното манастирско предание, шефот на државата бил пречекан со свечен пречек – иподохи.

-Дозволете ми, најнапред, од името на целото наше братство, како и од името на нашите штитеници, да Ви се заблагодарам за честа што ни ја укажавте денес, доаѓајќи во посета на нашиот Манастир. Откако е возобновено Монашкото општежитие во овој свештен Манастир и нашето братство ја започна својата мисија за помош на личности од ранливи социјални категории, Вие сте првиот Претседател и висок државник воопшто, што така отворено и срдечно посака да се сретне со нашите штитеници и да оствари личен и присен контакт со нив. Тоа несомнено сведочи за благородството на Вашата личност, му порачал архимандритот Партениј на претседарелот Пендаровски.

Поврзани новости