Повторно нема договор за формирање на косовската влада

by fokus

Средбата на лидерите на двете партии победнички на октомвриските парламентарни ибори во Косово, Албин Курти на Движењето Самоопределување (ВВ) и Иса Мустафа на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), што се одржа вечерва во Собранието на Косово, заврши без договор за формирање на идната косовска влада, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на ЛДК Бесиан Мустафа, по средбата на лидерите на двете досега опозициски партии, изјави дека вечерва е постигнат договор состаноците да се интензивираат до постигнувањето договор за заедничко владеење.

– Само овие информации ги имам од двајцата лидери кои излегоа од состанокот. Верувам дека многу наскоро ќе се случи новата средба и се договоривме да ги интензивираме состаноците и да ги одржуваме речиси секој ден, изјави портпаролот Мустафа.

Истото, преку соопштение до медиумите, го потврди и партијата на Курти.

– Претседателот (на ВВ) се сретна денеска во Собранието на Косово со претседателот (на ЛДК) Мустафа. Тие ќе ги продолжат и ќе ги интензивираат состаноците речиси секојдневно до постигнувањето на договорот, соопшти ВВ.

Косовскиот претседател Хашим Тачи, порано денеска, за 24 декември ја свика конститутивната седница на новото, седмо по ред, Собрание на Косово по војната во 1998-99 година.

Вонредните парламентарни избори во Косово се одржаа на 6 октомври, а конечните резултати, според кои ВВ освои речиси 26 отсто, а ЛДК околу еден процент помалку гласови, беа сертификувани од страна на Централната изборна комисија на 27 ноември.

Поврзани новости