Пелони: Сè додека има пандемија, ќе постојат рестриктивни мерки за невакцинираните

by Fokus

Рестриктивни мерки, строго за заштита на јавното здравје, ќе продолжат да постојат за невакцинираните, сè додека имаме пандемија, рече портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони во интервјуто за радиото „Алфа 989“ и додаде дека од моментот кога сите вакцини се достапни за сите, „не може да разговараме за рестрикции за целотото општество и економијата“, јави дописничката на МИА од Атина.

Пелони објасни дека пандемијата во земјата се стабилизира, но од друга страна постои закана од мутациите и затоа истакна дека е потребно забрзување на процесот на вакцинација.

– Штом ова оружје го имаме во наши раце, немаме никаков изговор да не го користиме. Не постои изговор за да не се вакцинираме. И од моментот кога, очигледно, вакцината е достапна за сите, локдаун, рестриктивни мерки за целата земја, во никој случај не се решение. Се надеваме дека нема да има исклучоци. Но, ако има, сепак, ќе бидат насочени мерки. Рестрикциите ќе важат за невакцинираните, објасни портпаролката на грчката Влада.

Поврзани новости