Павлопулос се пожали кај Обама: Македонија ја фалсификува грчката историја

by fokus

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и на средбата со поранешниот американски претседател Барак Обама, се наврати на радикалната реторика за Македонија.

Павлопулос ги критикувал македонските власти за фалсификување на грчката историја. Потенцирал дека доколку Македонија сака да стане дел од Европската Унија мора да престане со присвојувањето на грчката историја.

-Фактот е дека соседна земја бара име со кое освен што се фалсификува историјата, се шири иредентизам, и директно подразбира промена на границите. Тоа е спротивно на европското и меѓународното право и таквото барање ја поткопува европската перспектива на оваа држава- изјави грчкиот претседател.

Инаку, претседателот во заминување, Обама е на завршна европска турнеја. Тој денеска во Атина се сретна и со премиерот Алексис Ципрас, со кого разговараше за долгот на земјата и за кипарското прашање.

Обама изрази надеж дека Грција заедно со Турција и другите заинтересирани земји ќе се охрабрат и ќе пронајдат решение за проблемот со Кипар, како и дека длабоко ја цени помошта што грчкиот народ им ја пружил на бегалците.

Поврзани новости