Пауза на „Трезор“, Судот ја доставува одлуката од атинскиот Врховен суд до Обвинителството

by fokus

Адвокатот на Горан Грујевски, Петар Василев на денешното рочиште за случајот „Трезор“ до Судот ја достави одлуката од Врховниот суд во Атина во однос на барањето за екстрадиција на Грујевски, примена од адвокатскиот тим од Грција.

– Одлуката гласи дека се одбива барањето за екстрадиција на Горан Грујевски и неговата жалба ја прифаќа и формално и фактички и го ослободува од притвор, доколку не се гони за друго дело. Тој е ослободен на 18 мај во попладневните часови и од тогаш до сега се наоѓа во Грција со статус на барател на азил. Неформално во однос на барањето за азил знам дека има одржано едно интервју и дека е закажано второ интервју. Не сум конкретно запознаен со постапката и не можам да дадам конкретни информации, рече Василев пред Судот.

Судијката Џенета Бектовиќ даде пауза до 11 часот за одлуката да биде доставена до Обвинителството.

На денешното рочиште присутните се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ, кои се дел од обвинетите во овој случај.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Поврзани новости