Командант Малишева: Групата во Диво насеље беше дел од американски проект за стопирање на руското влијание во Македонија

by fokus

Мухамед Анди Красниќи, познат под прекарот командант “Малишева”, од затвор каде ја издржува доживотната казна за терористичкиот напад во Диво насеље, испрати апел до косовската полиција во кој наведува нови детали за престрелката во Куманово пред три години.

„Ние од кумановската група бевме дел од американски проект кој требаше да го стопира руското влијание во Македонија, така да и понатаму постојат такви кои не ценат. Искрено, не играјте си со нашите чувства и со нашите фамилии“, напиша Красниќи кој јавно побара од полицијата во Косово да престане, како што вели, да му го следи семејството и да ги вознемирува неговите блиски.

Во име на кумановската група, тој му порачува на директорот на Косовската разузнавачка служба да ги поништи одлуките за следење. Во спротивно Красниќи се заканува дека ќе преземе мерки и против нивните фамилии.

Командантот Малишева често објавува постови и фотографии во затворот на својот фејсбук профил. Во мај годинава тој испрати апел до своите другари обидувајќи се да ги одврати од некои нивни планови.

„Апелирам до сите ветерани, соборци, нашите браќа, оние кои имаат храброст, што ја дадоа својата Беса да продолжат со ослободителната војна таму каде што ја оставивме ние, да не го сторат тоа. Ве повикувам да не го сторите тоа бидејќи процесите се движат напред и сега кога и САД и ЕУ се посветени на движењето на процесите кон иднината и за нас Албанците ќе има светла иднина. Груевски и неговите руски банди си заминаа и не се враќаат веќе“, напиша тој.

Поврзани новости