Пациентите кои подлежат на хемодијализа денеска во просториите на подружницата на Центарот за дијализа „Систина нефро плус “ во Дебар побараа хемодијализа да добиваат во овој град, како што било до неодамна, а не во Струга.
Според пациентите, ова е веќе трета недела како се приморани да патуваат до Струга и хемодијализата да ја добиваат во трета смена.
– Напорно е и неиздржливо, секој втор ден патуваме со комби возило до Струга и дома доаѓаме во еден часот по полноќ. По пат не ретко дел од нас и колабираат. Кој не ја почувствувал оваа болка не знае колку е тоа тешко и неподносливо, велат пациентите.
Тие додаваат дека немаат јасна слика што се случува затоа што добивале образложенија дека е расипан дел од апаратите, дека апаратите се настојува да се префрлат во друга подружница.
– За нас р најважно како и до неодамна хемодијализата да ја добиваме тука во Дебар, потенцираат пациентите и дополнуваат дека се презадоволни од досегашната услуга и однос на вработените во подружницата на „Систина нефро плус “ во Дебар, која почна со работа во март 2014 година.
Во Дебар хемодијализа моментно добиваат 11 пациенти од кои осум се постојани пациенти, односно жители на Дебар, селото Могорече и Горно Косоврасти, а тројца ислени во странство кои летото го минуваат во родниот крај.
На барање на новинарите, вработените во подружницата засега не дадоа објаснување, а претставникот на „Систина нефро плус“ најави дека ќе не контактира подоцна