За седум дена хоспитализирани се три деца на Детска клиника

by fokus

На ЈЗУ Клиника за детски болести во периодот од 17 до 24 јули хоспитализирани се три деца со дијагноза дијабетес, на три, девет и 14-годишна возраст.

Од Клиниката за детски болести информираат дека првиот пациент е примен на 17 јули и станува збор за дете на возраст од три години, кое е упатено од матичен педијатар по направени првични анализи кои укажувале на дијабет. Детето е примено на Одделот за ендокринологија направени се иследувањата и согласно протоколите, дадена е терапија. По неколку дена детето е пратено дома.

– Вториот пациент примен 19 јули, е деветгодишно дете пратено од Општата болница во Гевгелија. Детето било со симтоми на дехидратација и првично било стабилизарано во болницата во Гевгелија, но по влошување на состојбата е пратено на дополнителни иследувања на Клиниката за детски болести. По неколкудневен третман состојбата на детето е подобрена. Пациентот се уште се наоѓа на Одделот за Ендокринологија и е во добра општа состојба, се наведува во соопштението од Клиниката за детски болести.

Третиот пациент на 14-годишна возраст, како што информираат од Клиниката, е примен вчера.

– Тој со возило на Брза помош е транспортиран од болницата во Охрид во тешка состојба. Веќе биле изготвени првични анализи кои укажувале на дијабет. По приемот на Клиниката детето поради возраста (14 години) е упатено на КАРИЛ каде по приемот е интубирано и поставено на апарат за механичка вентилација. Лекарите од оваа Клиника заедно со педијатрите од Одделот за Ендокринологија работат на стабилизација на состојбата на детето. Во моментов се прави се што е утврдено согласно протоколите за работа, се наведува во соопштението.

Во него се посочува дека ова не е прв пат на Клиниката за Детски болести да се примаат пациенти со дијабет кои се во тешка состојба.

– На Одделот за Ендокринологија постојано се лекуваат пациенти со оваа дијагноза и се откриваат нови случаи. Токму поради тоа што се работи за сериозно заболување кое може да даде тешка клиничка слика, Здружението на педијатри од септември планира да спроведе низа обуки и едукации кај матичните лекари за навремено препознавање на раните симптоми на болсета и првичен третман, се наведува во соопштението од Клиниката за детски болести.

Поврзани новости