Патните трошоци на пратениците се намалени, но не се за ,,фрлање“

Значајно намалени од претходни години, но сепак солидни суми кај дел од пратениците. „Фокус“ преку Барање за пристап до јавни информации од Собранието ги обезбеди бројките за патни трошоци кои пратениците ги направиле од јануари до мај годинава. Бројките кај некои пратеници кои живеат во градови подалеку од главниот град Скопје, изнесуваат околу 900, 700 или 600 евра месечно поврат на средства за патни трошоци направени за патувањата до Собранието. Ова е сепак значајно подобрување од времето кога се земаа и по 2 ипол или 3 илјади евра патни трошоци за работењето како пратеник.

by valentina 12:55
12:55

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1554, на 16 јули 2025 година.

Пишувала: Кристина ОЗИМЕЦ

Дополнителни 700 или 900 евра месечно надвор платата за патни трошоци. Звучи добро, но ретко кој може да добие ваква привилегија при работењето во реалниот свет. Сепак, за пратениците ова е дел од она што законски им следува како поврат на трошоци за нивниот пат до Собранието, каде треба да ги бранат интересите на граѓаните кои ги претставуваат. Ваквите бројки за многумина се незамислива привилегија, но ако се земе предвид дека во претходните пратенички состави, бројките беа и неколкукратно повисоки, се чини дека критиките на граѓаните на оваа тема кои беа актуелни со години, сепак биле слушнати во партиите. Сега бројките, барем според состојбата за првите 5 месеци од годината, се генерално намалени од скандалозните суми кои ги објавуваа медиумите со години. Од службите во Собранието ги добивме бараните информации и извештај од системот за сметководствена евиденција со податоци за пресметан надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина по поднесени и обработени патни налози од јануари до мај 2025 година.

Не ги добивме бројките за јуни месец, бидејќи според информациите од Собранието, патните налози за овој месец се уште не се доставени на обработка во Секторот за финансиски прашања.

Според генералната анализа на податоците, се издвојуваат десетина пратеници со повисоки суми за поврат на трошоци, претежно од градови кои се подалеку од главниот град и кои патуваат за седниците до Скопје. Ова сепак до некаде е и природен резултат, бидејќи самиот систем на пресметка им го дозволува ваквиот начин на поврат на средства и оние кои патуваат од подалеку и повеќе, ќе имаат повисоки бројки за земање патни трошоци. Дали времињата во кои се земаа и до дополнителни 2, 3 илјади евра за патни трошоци, се конечно завршени?!

ПРАТЕНИЦИ РЕКОРДЕРИ

Петар Ристески од ВМРО- ДПМНЕ, кој патува од Прилеп и има обезбедено поврат од 259.171 денари, што се околу 842 евра месечно за патни трошоци, вели дека е револтиран од следењето на оваа тема и смета дека е нефер третманот во медиумите и јавноста кон темата, бидејќи пречесто се прави линч кон пратениците, за нешто што законски им следува, додека се запоставуваат други теми важни за трошењето на јавните пари.

-Одам секој ден на работа и по закон си наплаќам патни трошоци, ако имам еден денар злоупотребено и ако се најде некаква злоупотреба јас ќе си дадам оставки и ќе ги вратам сите средства до денар, вели тој за „Фокус“.

Неговиот колега Јован Митрески од опозициската СДСМ, кој патува од Струга и има обезбедено поврат на 227.764 денари или околу 740 евра месечно за патни трошоци, вели дека минатата недела патувал 5 пати до Собранието и назад и често се случувало и секој ден да имаат седници, со што оние пратеници кои патуваат од подалеку, ќе трошат повеќе.

-Ние според нашите анализи, еве сите варијатни сме ги гледале и ова е сепак најевтината опција, ако одиме со варијантата на закуп на станови за пратениците кои не се од Скопје, повеќе ќе исплаќа државата за закуп. Можеби им прави беља на пратеници во вкупен износ кога се гледаат бројките и кога ќе се собере, но пак е најевтина варијанта за пратениците од сите места низ државата да дојдат во Собранието. Вчера бев на сервис, за осум месеци имам 40 илјади километри извозено, за четири месеци Струга – Скопје, 20 илјади километри. До 2020-та година плаќав кирија за стан сам, и бев повеќе во Скопје и затоа тогаш ме немаше во анализите за патните трошоци, вели Митрески за Фокус.

За изјава го контактиравме и Кире Божиновски од ВМРО-ДПМНЕ, кој според податоците од Собранието имал 277.980 денари за патни трошоци, што се по околу 900 евра месечно, но до затворање на бројот не добивме повратен одговор.

Не се одзва на повикот за коментар за темата ниту координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски.

ИМА ЛИ ПОШТЕДЛИВИ ОПЦИИ?

Пратеничките патни трошоци им следуваат на пратениците и во тоа нема ништо спорно. Сепак, со оглед на висината на трошоците кои низ годините се појавуваа и беа нереално високи, се појавија во јавноста повеќе предлози за тоа како би можело да се уреди ова прашање и дали можеби има и подобри опции.

Благоја Пандовски, претседател на организацијата ,,Транспаренси интернешнел“ вели дека ако веќе се одобрува според закон, доколку Собранието сака поетички аспект кон ова прашање би требало законите да се носат, повеќе во согласност со реалната вредност на истите.

-Во јавноста се зборува многу за висината на овие патни трошоци кои им се исплаќат на пратениците. Во тој дел пратениците изгласаа многу закони кои се однесуваат на нив и тие секогаш биле предмет на разгледување на јавноста. Но ако сакаме еден поетички и потранспарентен однос, тогаш би требало секогаш да се има предвид реалната вредност, без разлика дали се тоа однесува на патни трошоци, или други бенефиции.

Решението треба да ја отсликува реалната вредност, во спротивно излегува дека тие си носат закони во нивен бенефит, бидејќи 800, 900 евра е за некого цела дополнителна плата, вели Пандовски за „Фокус“.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски вели дека тие правеле анализи низ годините и ова решение кое сега го има Собранието е сепак најевтиното решение. Според него, погрешно е што во јавноста не се издвојуваат и позитивните примери на пратеници кои не земаат, а им следуваат патни трошоци.

-Мене ми следуваат патни трошоци, бидејќи секојдневно патувам и не земам патни трошоци ниту еден денар, бидејќи еве и платите се зголемија и сметам дека не треба да земам. За тоа дали има друго решение, нема друго решение кое е поевтино. Ние правевме анализи и гледавме и други можности но мислам дека тешко ќе се најде поевтино решение. И тоа со станови да се изнајмуваат нема да биде поевтино, гледате колку се кириите сега, па плус му се признава на пратеникот пак трошок за патување, не сум сигурен дека ќе биде поевтино. Мислам дека е најевтиното решение, но треба да се направат анализи, вели Спасовски за „Фокус“.

ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ЛЕВИЦА НЕ ЗЕМААТ ПАТНИ ТРОШОЦИ

Неговата колешка Јована Мојсоска од Левица, која е од Струга но изнајмува самата стан во Скопје за да работи во Собранието, вели дека нивниот став е дека како секој обичен работник што дошол во Скопје и живее и ги сноси трошоците, така и тие се поставуваат во истата позиција.

-Вие сте решиле да се занимавате со пратеничка функциија и зошто да сте попривилегиран од обичен работник. Тука е лицемерието на пратениците, не може да уживате толку права и привилегии со драстично поголема плата. Сум донела одлука да бидам пратеничка, јас сум под кирија во Скопје и другите наши колеги се во Скопје под кирија. Е сега имаме и природен револт кај пратениците за оваа тема, бидејќи имаме заменици директори, директори со можеби и повеќе патни трошоци, а сепак пратениците повеќе се присутни во јавноста. Ама тука би ги прашала пак пратениците – кој ги носи тие закони и кој го дозволува тој систем со толку привилегии за функционерите?, вели Мојсоска за „Фокус“.

Инаку интересно е дека и пратеничката Мојсоска веќе подолг период ги барала податоците за трошењето за патни трошоци од Собранието, но вели дека добила само парцијални и нецелосни информации за нејзините барања.

-Ние не ги добивме бројките за патните трошоци. Два типа на барања имав, едното како пратеник за обезбедување информација, 5,6 месеци не добивав одговор, за на крај да добијам одговор од генералната секретарка дека бараната информација не е деловничка, бидејќи како пратеник можам да барам информација од јавен интерес, и таа цени дека барањето за патни трошоци не е од значење на јавен интерес. Потоа со Закон за слободен пристап до информации, за периодот 2020-2024-та барав, првиот пат добив парцијално, па поднесов жалба, па сега праќаат пак парцијално. Ги барав трошоците по пратеник за пат и кирија, но добив само вкупна сума, додава таа.

КАКВА Е ПРАКСАТА ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ?

Во продолжение издвојуваме неколку земји од Европа, каде повратот на патни трошоци има други видови на уредување од Македонија. Во Словенија, пратениците кои живеат на повеќе од 2 км од седиштето на Парламентот можат да побараат враќање на трошоците за персонализирана месечна карта за јавен превоз – по поднесување доказ со нивното барање. Имаат алтернатива за километражата на автомобил, но доколку јавниот превоз не им е достапен, и тие можат да добијат надомест по поминат километар по само 8% од цената на бензинот. Пратениците може да добијат и месечен паушален надомест за покривање на трошоците поврзани со работата во нивната изборна единица, вклучувајќи го и патувањето.

Цените зависат од растојанието од нивното постојано живеалиште до Парламентот, но се движат од 500 до 800 евра. Овој надоместок се исплаќа само доколку пратениците поднесуваат годишен извештај (или по напуштањето на функцијата) до Комисијата за мандатно-изборни прашања за нивната работа во изборната единица.

Во Хрватска, за пратениците чие живеалиште е оддалечено повеќе од 50 километри од Загреб, државата, на пример, ги покрива трошоците за кирија и комуналии во изнајмени станови во главниот град, трошоците за користење лични автомобили за службени цели, им исплаќа дневници за службени патувања и други трошоци, како што е сместување во хотел. Според податоците на парламентот, на сите пратеници им се исплаќа месечен паушален износ од 199 евра, а на оние кои живеат надвор од Загреб им се исплаќа посебен надомест за живеење од 133 евра месечно додека парламентот заседава.

Во Шведска пак, сосема вообичаено е да се видат политичарите и функционерите во полните возови и другиот јавен превоз како патуваат на работа заедно со сите граѓани, бидејќи користењето возачи и специјални скапи службени возила не е нешто кое е секојдневие во ова општество. Државата ги третира своите функционери како да се најобични граѓани, а не луѓе од некоја посебна категорија. Шведските пратеници може сами да одлучат како ќе патуваат за службените патувања во Шведска и кое превозно средство е најсоодветно. При изборот на превозно средство, членовите мора да ги земат предвид трошоците, времето на патување и влијанието на патувањето врз животната средина, а треба да се земе предвид и безбедносниот аспект. Пратениците кои избираат превозно средство различно од најевтиното мора да можат да го оправдаат тоа. Доколку е потребно, пратениците можат да користат сопствен автомобил за службени патувања и за тоа добиваат надомест по стапка од 38 шведски круни на десет километри, од кои 25 шведски круни им се ослободени од данок.

Доколку нема јавен превоз или доколку постојат посебни причини, на членовите може да им се надомести и патувањето со такси. Посебните причини може да вклучуваат, на пример, тежок багаж, заштеда на време или медицински причини.

За време на службените патувања, на пратениците може да им се надомести сместувањето во хотел ако хотелот се наоѓа на повеќе од 50 километри од нивниот дом или од Парламентот. Пратениците чие работно место е оддалечено повеќе од 50 километри од Стокхолм имаат право на „Стокхолмски додаток“ кога патуваат и преноќуваат во Стокхолм. Додатокот е 130 шведски круни на ден. Членовите го добиваат Стокхолмскиот додаток за денот на патувањето, денот на враќањето и сите денови помеѓу.

СЕ Е СПОРЕД ЗАКОН!?

Пресметките за тоа кој колку ќе земе за патни трошоци како пратеник кај нас се автоматски и тие се пресметуваат според оддалеченоста на патувањето и потрошеното гориво, заедно со патарините. Пратениците приложуваат патни сметки и патарини според нивните активности во Собранието, по што им се пресметува сумата која треба да ја добијат како поврат на средства. По големите реакции на јавноста за драстичните нереални трошоци за патувања и големиот притисок врз пратениците по ова прашање, пред 7 години пратениците го намалија надоместокот за користење автомобил во службени цели која тогаш беше 30% од цената за еден литар гориво за изминат километар, на 20% плус патарините.

Пратениците во моментов го користат решението што е предвидено со закон, според кое имаат право на надоместок за патните трошоци од нивното место на живеење до Собранието и назад. Ова право им овозможува да добијат поврат на трошоците кои им следуваат за извршување на својата функција.

Сепак, останува отворено прашањето дали постојат поефикасни и поекономични решенија од актуелното, кои би овозможиле поголеми заштеди за државниот буџет. Одговорноста за иницирање и спроведување на такви решенија ја имаат политичките партии, кои треба да покажат подготвеност да придонесат кон подобро владеење, поголема транспарентност и поодговорно трошење на јавните средства.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слични вести