Партијата на Села демантира дека ќе ја поддржи Силјановска во вториот круг

by fokus

Од Алијансата за Албанците на Зијадин Села, демантираат дека во вториот круг од претседателските избори ќе го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска. Од таму велат дека нема да поддржаат воопшто македонски кандидат.

„Се оградуваме од секоја лажна вест и клевета посочена кон нашиот субјект, наводно дека ќе поддржиме македонски кандидат во вториот круг. И за време на процесот на уставните промени, го поддржавме Преспанскиот договор со цел да станеме членка на НАТО и целосно сме посветени на патот кон интеграција на државата во Европската унија. Ова го потврдуваме постојано уште од самото основање на Алијансата за Албанците“, велат од таму.

Алијансата за Албанците, додаваат, секогаш работеше и ќе работи на унапредување на статусот на Албанците во Северна Македонија.

„Алијансата за Албанците не прави политичко пазарење зад очите на јавноста ниту за претседателските избори ниту за локалните избори. Нашата единствена цел е победа на искрените Албанци во двете трки во кои што влеговме. Алијансата за Албанците никогаш не направила изборно партнерство со ниту еден македонски ентитет, ниту пак ќе го стори тоа во било кој момент, ако тоа не е во служба на унапредување на правата на Албанците во согласност со политичката платформа на АА и во целосна транспарентност со Албанците и широката јавност. Албанците добро знаат кој се пазари и кој чека на вратите од владата без принципиелен и транспарентен договор, туку само за тесни интереси на кланот или за опстанок поради многубројните хипотеки. Тенденциозните вести имаат за цел под било кој услов  да ја дефокусираат јавноста од утрешниот протест во одбрана на Фета Алими, или од успехот на Блерим Река и Арбен Аголи, нарачателите на лажните вести, најдобриот одговор ќе го добијат на 21 април!“, соопштија од партијата.

Поврзани новости