Британскиот Парламент вечерва го одби барањето на премиерот Борис Џонсон за одржување предвремени избори. За предлогот на Џонсон гласаа 298 пратеници, што е помалку од половина од вкупниот број, а за одобрување беа неопходни две третини од гласовите на народните избраници.
Вториот пораз вечерва за Џонсон се случи откако претходно Парламентот изгласа закон со кој се блокира Брегзит без договор за идните односи на Велика Британија со Европската унија.
Законот за блокирање на „тврд“ Брегзит доби 327 гласови наспроти 299, пренесува Хина. Законот сега ќе биде поднесен во Домот на лордовите, каде не може да биде забранет, но може да се одолговлекува. Британските медиуми оценуваат дека тоа е најверојатното сценарио.
Опозициските пратеници, на кои им се придружија и дел од колегите од Конзервативната партија вчера, во првата фаза од обидот да спречат Брегзит без договор, го поддржаа предлогот кој им овозможува да ја преземат контролата над парламентарната агенда, што вообичаено е задача на Владата. По прифаќањето на тој предлог, денеска беше претставен нацрт-закон кој го обврзува премиерот од ЕУ да побара ново одложување на Брегзит до 31 јануари 2020 година во случај да не се постигне договор во следните недели.
Потегот, Џонсон го оцени како предавство на Европската унија и вети дека нема да го одложи Брегзит, предвиден за 31 октомври и го повика на предвремени избори лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин. Но, за тоа му беа потребни гласовите од две третини од пратениците. „За“ гласаа 298 пратеници, а против беа 56. Тоа значи дека на Џонсон му недостасуваа 136 гласови.