Парламентарни избори во Франција: Макрон на државата и донесе политичко цунами

by fokus

Првиот круг од парламентарните избори во Франција донесе водство на партијата на францускиот претседател Емануел Макрон „Републиката напред“ и неговиот коалициски партнер „Демократско движење“ со освоени 32,32 проценти од гласовите.

За разлика од нив, републиканците, партијата на двајца екс претседатели Саркози и Ширак, добија 21, 5 %, а Социјалистите кои досега беа владејачка партија доживеаа историски неуспех со освоени само 9,5 % од вкупните гласови.

Првичните резултати покажаа дека партијата на Макрон заедно со коалицискиот партнер може да се надева на 445 пратенички места од 577 во националното собрание, што е над апсолутното мнозинство од 289 пратеници. Доколку идната недела во вториот круг се потврди резултатот од вчерашните парламентарни избори во Франција, новиот француски Парламент ќе има две третини нови и сосема непознати политичари.

Партијата на Макрон беше основана пред само една година, а  вклучува студенти и пензионирани граѓани.

Традиционалните француски политичари не го кријат нивното огромно разочарување. Еден од блиските соработници на Саркози утринава на едно француско радио изјави дека “му се повраќа” од гласачите кои го дале гласот на непознати лица, лица од граѓанскиот сектор.

Вториот круг од парламентарните избори е закажан за идната недела на 18 јуни, каде ќе учествуваат само кандидатите кои во првиот круг освоија повеќе од 12,5 проценти од гласовите од запишаните избирачи во изборната единица.

Поврзани новости