1.9K
Проектот е само одобрен и воопшто не е започнат. Никакви средства не се ниту добиени, ниту потрошени. По надминување на состојбата со Ковид-19 и создавање на услови за патување, училиштето ќе објави повик за учество во обука, на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани ученици и наставници – тврдат од СОЗСУ Ѓорче Петров, Кавадарци, по бурните реакции во јавноста, околу веста дека училиштето добило средства од Националната агенција, во износ од над 80.000 евра, за обука на магариња и коњи, која треба да се спроведе во Хрватска.
Од таму појаснуваат дека аплицирале и добиле одобрување, во рамките на Ерасмус програмата, за проект кој вклучува практична обука на 35 ученици и 5 наставници, во времетраење од две недели во Иваниќ Град, Хрватска. Според надлежните од училиштето, Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, во рамки на Еразмус+ програмата, го одобрила за финансирање проектот на СОЗШУ „Ѓорче Петров“.
Појаснуваат дека училиштето поседувало винарска визба, шуми и полиња на кои се одгледувале различни култури и реализирало голем дел од практичната обука на сопствениот имот. Но, училиштето немало фарма за животни каде може да ги реализира практичните часови за сточарство. Затоа, во рамките на долгорочната Стратегија за интернационализација на образованието, предложило проект кој вклучува обука за копитари, пред се за коњи и магариња.
-Целта на овој проект е учениците да се стекнат со вештини (вклучително и претприемачки вештини), со кои ќе бидат подобро подготвени за професионалниот свет и со тоа ќе се подобри нивната вработливост по завршување на средното образование. Проектот, меѓу останатото, е дизајниран и да ги воведе и мотивира учениците да започнат сопствен бизнис.
Обуката за копитари ќе се спроведе на фарми за магариња и коњи лоцирани во Иваниќ Град, Хрватска и ќе биде структурирана во 4 модули: Модул 1: Вовед во грижа за магаре и коњ. Модул 2: Вовед во здравствена заштита на магаре и коњ. Модул 3: Запознавање со локалните раси на магариња (приморско – динарско магаре, хрватски посавац) и прочуената раса на коњи – липицанер. Модул 4: Вовед во производство и преработка на млеко од магаре.
Со учество на овој проект, учениците ќе го подобрат своето знаење за копитари и ќе се стекнат се следниве вештини и компетенции:
-Ќе стекнат теоретско и практично знаење за основање на фарма за магариња и коњи; -Ќе научат како правилно се хранат магарето и коњот, времето на хранење, начинот на подготвување храна и др.; -Ќе знаат да го проверат здравиот статус на магарето и коњот и доколку има потреба да побараат ветеринарна интервенција; -Ќе научат кога е соодветно време за молзење, начинот на молзење и собирање магарешко млеко; -Ќе научат како се пакува и чува магарешкото млеко- наведено е во појаснувањето до јавноста.
Околу тоа колку е исплатлив бизнисот со одгледување на магариња во земјава, во мај годинава ,,Фокус” направи интервју со Киро Гоцевски од Делчево, кој е еден од ретките во земјава што има фарма за магариња. Тој по 20 години поминати во Швајцарија се вратил во родниот крај, со цел да започне нов бизнис, со одгледување на магариња, за кој тврдеше дека е доста исплатлив и како во иднина верува дека ќе стане и многу популарен во земјава.
Како што раскажа, магарешкото млеко имало висока цена на пазарот, односно 80 евра за литар свежо млеко и 50 евра за литар замрзнато млеко. Една магарица давала од 400 до 800 мл. млеко на ден. Многу луѓе од целата земја доаѓале да купат млеко кое било добро за зајакнување на имунитетот.
Гоцевски исто така раскажа дека се попопуларна станува и козметиката на база на магарешко млеко, па планирал да започне и со производство на козметички препарати, како сапуни и средства за нега на лице.
-Во бизнисот со магарињата лежи парата во Македонија, ни изјави тогаш Гоцевски, тврдејќи дека во земјава овој бизнис неретко е потценет, бидејќи не е доволно познат и е релативно нов.
Вики Клинчарова