Панчевски, Џолев и Туфегџиќ ќе „трчаат“ за претседател во Кривичен, а Неделкова, Адеми, Бајлозова и Вангеловски за Врховен

by fokus

Иако уште пред неколку дена заврши огласот за нов претседател на Основниот суд Скопје 1 и на Врховниот суд, сепак претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски одбива да ги открие имињата на пријавените кандидати. „Фокус“ од судски извори дознава дека за претседателските места повторно ќе „трчаат“ актуелните претседатели Владимир Панчевски и Лидија Неделкова, а против кандидати им се уште неколку колеги.

Па така, според нашите информации, за претседател на Кривичниот суд покрај Панчевски, конкурирале и судиите Иван Џолев и Владимир Туфегџиќ.

Против кандидатот на Панчевски, судијата Џолев, во текот на вчерашниот ден ја информираше јавноста дека поднел кривична пријава против колега, „за кривичното дело поврзано со влијание врз судија за да превземе незаконити дејствија“. Џолев не сакаше да му го открие името на колегата, но „Фокус“ објави дека пријавата е поднесен против Панчевски.

Во трката, пак, за претседателското место во Врховниот суд се пријавиле судијките Беса Адеми и Снежана Бајлозова, судијата Јово Вангеловски и актуелната претседателка Неделкова. Адеми е судијка во Врховниот суд, а претходно работела како судија во Апелацискиот суд, а била и заменик јавен правобранител. Бајлозова, пак, за судијка во Врховниот суд беше избрана во септември. Врховниот судија Вангеловски, претходно работел и како адвокат, а во периодот од 2008 до 2012 година беше претседател на Врховниот суд.

Мандатот на актуелните претседатели Неделкова и Панчевски истекува во декември оваа година. Нивните наследници требаше да се изберат до 4 декември, но бидејќи е предизборен период, од Судскиот совет информираат дека добиле препорака изборот да се изврши по завршувањето на изборите.

Претседателот на судот се избира за мандат од четири години, со можност повторно да биде избран на истата функција уште четири години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости