Овчарите од Македонија утре на протест: Надлежните не сослушаа, но не добивме одговор

by fokus

Одгледувачите на овци од Македонија за утре најавуваат мирен протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради, како што велат, алармантната состојба во овчарството.

Се жалат дека се дојдени на работ од егзистенција зашто секоја година се соочуваат со 2.000 – 5.000 евра загуба поради ниската цена на јагнето.

-Одлучивме да реагираме со протест за да видат дека постоиме. И претходната и оваа власт нема слух за овчарите. Сакаме уште еднаш да укажеме дека откупната цена на јагнето е пониска од производната, а минимални се и субвенциите за плодна овца и оставено женско јагне. Тоа сакаме да му го соопштиме директно на министерот Николовски, а бараме ако е можно, да присуствува и премиерот Заев, истакнува еден од одгледувачите на овци за МИА.

Овчарите досега имале неколку состаноци со Николовски на кои присуствувале и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, како и директорот на Јавното претпријатие за пасишта Љуљзим Фејзулаи. Ги искажале проблемите со кои се соочуваат, но од надлежните, кои ги ислушале, не добиле конкретен одговор.

-Имавме повеќе средби. Последната беше минатиот месец во Берово. Министерот беше присутен, беа и Бабовски и Фејзулаи. Ги сослушаа нашите барања: покачување на субвенциите за оставено женско јагне и за приплод на овца. Но, не добивме конкретен одговор. Ставот им беше неутрален. Утре, со протестот, всушност ќе упатиме молба повторно да разговараме и да најдеме заедничко решение за да го спасиме овчарството, велат сточарите.

Додаваат и дека се многу револтирани од начинот на работење на Министерството, и од ова на сегашната, но и од тоа на претходната власт.

Поврзани новости