Ова може да биде свет од бајките за децата со попреченост, единствено ако ние им подадеме рака!

by fokus

Вчера во Струмица, во големата сала на хотелот Сириус по трет пат се одржа настанот ,,Убави сме, свои сме” во организација на здружението за поддршка и помош на лица со даунов синдром ,,Вера”.

Триесетитри дечиња со попреченост ја имаа можноста да чекорат на модната писта, во придружба на јавни личности, и да ја пренесат пораката дека секој е убав на свој начин. Настанот започна со звуците на песната ,,Во светот на бајките”, а ревијата ја отвори Верче, девојче со даун синдром чија мајка Анче Туфекчиева е иницијатор на настанот и претседател на здружението ,,Вера”.

Свое учество имаа и деца од струмичките градинки, училишта, од Црвениот Крст, одбојкарски клуб, од посебното основно училиште со домско сместување за ученици со лесна и умерена психичка попреченост „Свети Климент Охридски“ од Ново Село и многу други.

,,Фокус” беше еден од медиумите кои го проследија првото издание на настанот пред три години, и она што е доста забележително од тогаш, е дека манифестацијата се повеќе расте, на секое ниво. Годинава имаше над 600 гости, помеѓу кои и многу јавни личности, а целта на ,,Убави сме, свои сме”, да се прифатат лицата со попреченост и да им се дадат еднакви шанси во општеството, станува се пореална.

-Ги средуваме впечатоците, среќни сме што се повеќе растеме, секоја година. Децата со возбуда го чекаа овој ден, кога пред публиката имаа можност да ја покажат својата убавина и во различноста. Драго ми е што настанот добива се поголема поддршка, сите јавни личности кои што ги поканивме да бидат придружба на моделите, без двоумење прифатија, се вклучи цела Струмица во овој настан. Ни излегоа во пресрет и модни дизајнери, градинки, училишта, целата општина. Подготовките се одвиваа околу два месеци, но целиот труд се исплати. Имавме среќни дечиња, насмеани лица, ова беше голем ден за нив – за ,,Фокус” раскажува Туфекчиева.

Во улога на придружба на моделите се најдоа валандовскиот градоначалник Перо Костадинов, Др. Емил Угриновски и многу познати и успешни личности од земјава. Зорица Заева, сопругата на премиерот Зоран Заев, која за време на првата манифестација беше придружничка на моделите, годинава беше во публиката и ја имаше улогата да најави претставување на моделите.

Анче вели дека многу и значи поддршката од јавните личности, но и од целата јавност. Додава дека возрасните се тие кои што треба да започнат да ги рушат предрасудите кон лицата со попреченост, бидејќи овие деца чекаат да добијат шанса да се истакнат, да покажат дека можат и да се почувствуваат прифатени од околината.

За неа пишувавме и во минатото. Од љубов кон својата ќерка Верче го формираше здружението ,,Вера” кое веќе десет години успешно функционира и им дава поддршка на децата, но и на нивните родители.

-Овој свет може да биде свет од бајките за нашите деца, од нас зависи. Ние сме тие кои што треба да им подадеме рака, да им покажеме дека се важни, дека се дел од ова општество и ги имаат истите права како секој човек. Децата вложија многу труд и со голема љубов и возбуда се подготвуваа за настанот. Тие само чекаат да им дадеме шанса, едвај чекаа да им се пружи оваа можност каде ќе покажат дека можат, дека ќе се потрудат да го дадат најдоброто од себе – вели Туфекчиева.

Додава дека настанот ќе продолжи да се одржува и во иднина, и како веќе учат од минатите изданија и стануваат се подобри. Најави подобрен концепт на наредните манифестации, со помош на се повеќето лица кои изразиле желба да се вклучат во организацијата и се заблагодари на јавноста за поддршката.
Вики Клинчарова

Поврзани новости