На Одделот за максилофацијална хирургија на Клиничкиот болнички центар во Сплит, беше извршена тешка операција во траење од неколку часа, при што успешно беше отстранет тумор на вратот со тежина од дури 3,3 килограми, соопшти болницата во Сплит.
Со оглед на невообичаено големите димензии на туморот и притисокот врз клучните анатомски структури на вратот, постапката беше исклучително предизвикувачка.
И покрај сложените анатомски, функционални и естетски околности, операцијата беше успешна и без компликации, јавуваат хрватските медиуми.
Туморот беше целосно отстранет, а дефектот создаден со отстранувањето на туморот беше соодветно реконструиран. Пациентката се опоравува одлично, а сите постоперативни наоди се нормални, информираат од болницата.
„Оваа успешна процедура го потврдува високото ниво на експертиза на Институтот за максилофацијална хирургија на КБЦ Сплит и неговата способност да решава исклучително сложени клинички случаи, нагласувајќи го континуираниот напредок во воведувањето на нови хируршки техники и изведувањето на сè посложени процедури, што обезбедува врвна грижа за максилофацијалните пациенти од цела Далмација“, велат од КБЦ Сплит.