Оставка си поднесе и претседателот на Градскиот комитет на УМС: Раководството служи како платформа за ширење на руското влијание

by fokus

Продолжува бранот на оставки на ВМРО-ДПМНЕ. Откако денеска оставка си поднесе претседателот на УМС, Лука Кржалоски, по него тоа го направи и претседателот на Градскиот комитет на УМС, Томи Кепевски.

„Почитувани сопартијци и пријатели, мотивиран и охрабрен од денешната оставка на претседателот на Унијата на Млади Сили Лука Кржалоски, решив и јас да си поднесам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Градски Комитет на УМС.

Во последниот период се почесто и повеќе разговорите со моите колеги активисти во партијата се сведуваат на тоа дека таа е воведена во една ситуација на безизлезност.

За жал, јасно е дека ова раководство застранува од стратешките определби и партнери на ВМРО и Република Македонија и служи како платформа за ширење на руското влијание.

Овие коментари се уште посилни во градските кругови,каде што се движат обични симпатизери или неопределени граѓани.

Сите тие очекуваат од нашата партија да ја превземе природната улога на лидер во нашата држава и да понуди одговор на сите погубни политики на СДСМ.

За жал тоа не се случува, туку гледаме меѓусебни препукувања, фракции, безидејност. Така не само што не нудиме алтернатива за граѓаните, туку и служиме за одвлекување на вниманието од вистинските проблеми. Ние сакаме една прогресивна и силна младина, која ќе биде рамо до рамо со другите младини на Европскиот континент и поголемото западно семејство!

Оваа оставка не е предавање, туку само гласен крик против ова што ни се случува!“, вели во соопштението Кепевски.

Поврзани новости