Османи: Решение со Бугарија може да има уште следниот месец

by fokus

Шефот на дипломатијата Бујар Османи потенцира дека фактот што Бугарија сега има политичка Влада го отвара патот за пронаоѓање решение на спорот и одблокирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија, нагласувајќи оти решение може да има уште следниот месец.

-Фактот дека во Бугарија сега има политичка власт ни дава надеж дека двете легитимни влади можат да седнат и да разговараат за сите прашања и првите пораки даваат оптимизам, бидејќи токму тоа го кажавме и самите ние. Потребно е да има сеопфатен пристап. Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република Северна Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение, нагласи Османи за бугарската Нова ТВ, пренесува БГНЕС.

Тој вели дека односите изминатиот период отишле во надолна линија, но напомена дека треба да се има предвид тоа што во Република Бугарија имаше три изборни процеси, техничката власт и тоа не помогна, за да се надминат разликите и да се тргне ветото.

Смета дека новиот пристап кој го изнесе новиот бугарски премиер Кирил Петков со вклучување на сегашноста и иднината за нас е важна порака, но напомена дека предлогот на Петков за шестмесечен рок за пронаоѓање решение за нас е премногу долг.

-Премиерот Зоран имаше мошне позитивен впечаток од телефонскиот разговор со Кирил Петков, бидејќи повторно се враќаме кон една нормална комуникација, во која фокусот освен за минатото е и да говориме за иднината. Ги следевме и дебатите при формирањето на коалицијата, различните нијанси меѓу одделни партии. Сепак одговорноста е на владите во двете земји. И во Република Северна Македонија има разлики меѓу различно политички партии, нагласи Османи.

Поврзани новости