Османи му врачи признание на Бадинтер за 30 години независност на државата

by Fokus

По повод 30 години од независноста на Република Северна Македонија, францускиот сенатор Роберт Бадинтер, доби признание од земјава. Признанието му го врачи шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој заедно со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, го посетија во неговиот дом во Париз.

-Ми беше особена чест и задоволство да го посетам сенаторот Роберт Бадинтер, во неговиот дом во Париз и да му го врачам признанието по повод 30-годишнината од независноста на Република Северна Македонија. Сенаторот Бадинтер придонесе во два клучни момента од историјата на Северна Македонија, и тоа во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјата, тогаш во улогата на претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата, напиша на фејсбук министерот Османи.

Со овој чин, како што посочи Османи, му оддаваме симболично признание за оставениот белег во консолидација на нашата самостојност, поддршката и помошта во заокружување на евро-атлантската перспектива, како и зацврстувањето на мултиетничката, мултикултурна и мултиконфесионална кохезија на нашата држава и општество.

-Во една прилика, Сенаторот Бадинтер за Северна Македонија ќе каже: „Иднината на ова земја се разбира е во рамките на Европската Унија. Знам дека патот е тежок. Но затоа ќе се послужам со девизата на големиот ред на Језуитите, чие учење не сум го следел – Per aspera, ad astra! (преку трње до ѕвездите)“, напиша министерот Османи на Фејсбук.

Поврзани новости