Република Македонија има долгогодишна успешна соработка со агенциите на ОН и отворањето на Канцеларија на УНОПС во Скопје е добар сигнал за натамошно проширување на оваа соработка порача вицепремеирот за европски прашања, Бујар Османи, на денешната средба во Скопје со генералниот потсекретар на Обединетите нации и извршен директор на УНОПС, Грете Фаремо и Амбасадорот на Кралството Норвешка, Арне Санес Бјорнстад.
На средбата, информираат од Кабинетот на Османи, стана збор за билатералната соработка, за проектната поддршка која Кралството Норвешка ја обезбедува за Република Македонија, како и за евроатлантските аспирации на нашата земја.
Вицепремиерот Османи изрази задоволство од денешното отворање Канцеларија на УНОПС во Скопје, која од своја страна ќе придонесе кон поефикасно спроведување на дел од проектите поддржани од Норвешка, со потенцијал за проширување на оваа соработка и со други донатори.
Тој истакна дека билатерална поддршка која Кралството Норвешка ја обезбедува за нашата земја за проекти во најголем дел е наменета за остварување на најзначајните стратешки цели на земјата – интеграција во ЕУ и НАТО и изрази задоволство што е зголемена оваа година.
Во овој контекст Османи се заблагодари за досегашната исклучително добра соработка со Кралството Норвешка, како и за севкупната поддршката што Република Македонија ја добива од оваа земја во спроведувањето на реформите, и во поддршката од страна на Норвешка за нашите евроатлантските интеграции. Османи ги информираше соговорниците и за напредокот на Македонија во европските интеграции.
– Македонија доби чиста препорака од страна на Европската комисија во април оваа година, која, со оглед на постигнатиот договор со Грција, очекувам да биде потврдена од страна на Европскиот совет кон крајот на месецот, со што Македонија ќе добие датум за преговори, истакна Османи, нагласувајќи дека и во периодот до почетокот на преговорите, но и за време на преговорите, Македонија се надева на континуитет на поддршката од страна на Норвешка.
Соговорниците се согласија дека во претстојниот период ќе се интензивира меѓусебната соработка насочена кон реализација на клучните реформски процеси за постигнување на полноправно членство во ЕУ и НАТО.