Опозициски предизвици

by lali

Вовед во контекстот: Во државава веќе подолго време не можеме да кажеме дека има демократија. Поделбата на трите власти е нарушена. Извршната власт ги има поклопено законодавната и судската власт. Државните институции се ставени во функција на одржување и опстојување на Груевски и фамилијата. Преку 90 отсто од медиумите се поклопени, тоа најдобро го видовме во нивното неизвестување за аферата „Македонска банка“. Изборните процеси се фарса, затоа што во Македонија има повеќе избирачи отколку што има граѓани во државата. Се штанцаат лични карти за нивните сигурни гласачи, кои потоа гласаат повеќе пати на различни места.

Нема потреба од големо објаснување, по 24 декември никој нема право да зборува за демократија. Последните избори само го потврдија тоа, но и мило ми е дека дел од критичката јавност конечно сфати дека странците и меѓународната нема да дојдат да се изборат за слободата наместо нас. Мнозинството граѓани тврдат дека живеат полошо отколку во 2006 година, а уште поголемо мнозинство очекуваат да биде уште полошо.

НАРОДНО ДВИЖЕЊЕ ПРОТИВ НЕНАРОДНАТА ВЛАСТ

Влада во сенка е првиот чекор на опозицијата која треба да понуди алтернатива. Членови на владата во сенка треба да бидат истакнати професионалци во своите области и тие треба да нудат решенија за проблемите во општеството. Лидија Димова за евроинтеграции е пример за професионалец во својата област ‒ фала Богу, може да се најде професионалец за секој ресор. А, членови на владата во сенка треба да бидат и непартиски луѓе, а секако дека треба да се внимава и на мултиетничкиот карактер. Освен што ќе креира алтерантивни политики, владата во сенка ќе треба нив редовно да ги презентира пред граѓаните во полни сали низ Македонија.

Движење: Опозицијата ќе мора да почне да организира и народно движење против ненародната власт. Движењето треба да има една цел: враќање на демократијата и демократските вредности во општеството. Ова движење ќе мора да биде масовно, да биде мултиетничко и секојдневно активно низ цела Македонија. Не мора да се вика ОТПОР, ама мора да создаде отпор. Кога велам активно, мислам да организира мали настани во секое населено место, а барем еднаш неделно да организира масовен настан. Активистите од движењето ќе треба на малите настани да мобилизираат нови членови во согласност со целта, а на граѓаните ќе треба да им ги објаснуваат потребата од промени и решенијата на владата во сенка. Додека, пак, на масовните настани ќе мора да се појавува целиот врв на движењето, со јасни идеи, алтернативни политики и насоки за граѓаните.

Мултиетничкиот карактер на движењето е важен од повеќе причини. Заради масовноста, заради легитимитетот, поради мултиетничкиот карактер на државата. Има и уште една важна причина: да се пресретнат новите измислени кавги меѓу ДПМНЕ и ДУИ, кои ќе бидат една од опциите за дефокусирање на граѓаните од вистинските проблеми, особено по септемврискиот самит на НАТО, кој ќе биде уште еден неуспех во редицата неуспеси.

Со оглед дека ни се потребни 500.000 гласачи за јасно да покажеме дека Груевски ги краде изборите, во движењето е потребно да имаме 5.000 активисти од цела Македонија. Тоа значи дека ќе имаме барем еден активист, кој ќе може да се грижи за 100 гласачи во текот на целата година, но и на денот на изборите. Барем 1.500 активисти треба да бидат од редот на Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите и Србите.

Ќе мора да се најде начин да се скрши триаголникот Груевски-Ахмети- Тачи, сосе таа неприродна ситуација во која повеќе од 90 отсто од Албанците се против политиките на диктаторчето, а нивните политички претставници му се слуги. На челото на движењето треба да биде хоризонтално поставено координативно тело од 50 луѓе, па потоа пирамидално да се постават 500 „десетари“ кои лесно ќе можат да координираат 5.000 луѓе. Овие 5.000 луѓе, по падот на груевизмот, ќе треба да ја преземат администрацијата.

ИЛИ ГРУЕВСКИ И ФАМИЛИЈАТА, ИЛИ НОРМАЛНА МАКЕДОНИЈА?

Барем 500.000 против Груевски и фамилијата: Во Македонија нема да има слобода, економски просперитет, владеење на правото, подобра администрација, подобро здравство, подобро образование, подобра инфраструктура, инвестиции, ЕУ и НАТО-интеграции додека се Груевски и фамилијата на власт. Значи, нема друго, мора да се симне режимот по секоја цена ако сакаме да имаме нормална држава.

Политиката „подели, па владеј“ е нешто што режимот го одржува на власт. Етничката поделба, а, богами, сè повеќе и верската, е нешто што на опозицијaта ѝ оневозможува да го ефектуира незадоволството од последиците од политиките на фамилијата на власт. Тоа важи и за класните поделби ‒ знаеме дека на Груевски му е лесно да ги купува сиромашните и да ги рекетира богатите.

Истото важи и за идеолошките разлики ‒ десничарите, оние од центарот, како и оние од радикалната левица некако не ја препознаа борбата на опозицијата предводена од СДСМ. Затоа движењето треба да создаде платформа која ќе може да собере барем 500.000 гласачи, чиј Н.З.С. е рушењето на Груевски, без разлика на етничка, верска, класна или идеолошка разлика. Убеден сум ‒ ако успешно се постави таа платформа, само по себе ќе си дојде и  прашањето: „Или Груевски и фамилијата, или нормална Македонија?“ Ако успешно се издигне како „референдумско“ прашање,  разликата меѓу нас и нив ќе биде огромна во наша корист, а Груевски, ако направи уште поочигледен фалсификат на некои следни избори, ќе може сосема оправдано да биде срушен од улица.

Референдуми: Дел од решенијата на владата во сенка би било добро да бидат ставани на референдум. Тоа ќе биде од повеќекратна корист за движењето. На референдумски прашања треба да се ставаат предлог-закони, чиешто усвојување ќе значи голема придобивка за граѓаните. Закони од сферата на социјалната политика, работничките права, економијата, здравството, образованието…

Противниците на оваа идеја имаат аргумент дека избирачкиот список не е исчистен и дека опозицијата нема да може да изнесе на референдум 50 отсто од гласачкото тело, што е нешто над 900.000 гласачи. Сепак, овие референдумски прашања ќе го стават ДПМНЕ во дефанзивна позиција. Ќе мора јавно да застане против интересите на народот, ќе мора да повика на бојкот или да го крши по кој знае кој пат Уставот и да не дозволи одржување на референдумите само затоа што тие парите си ги планираат за своите џебови.

Ако ДПМНЕ, надвор од Уставот и законот, одбива да спроведе референдум на барање од 150.000 граѓани, тогаш опозицијата ќе може да организира пробни референдуми надвор од институциите! Тие рефендумски прашања ќе донесат дополнителен маневарски простор. Ќе донесат дополнителен потенцијал за омасовување на движењето. Ќе го стеснат просторот на ДУИ, ДПА, ГРОМ и некаква си лажна опозиција.

Граѓаните ќе можат полесно да ја препознаат битката за нивните права. Референдумите нема да претставуваат легитимирање на институциите, туку обид власта да им се врати на граѓаните. Ќе значат делегитимирање на власта и поголем притисок за прочистување на нереалниот избирачки список. Со ваква иницијатива, опозицијата многу брзо ќе застане на нозе и ќе почне да наметнува своја агенда на политичката сцена во Македонија.

ЗАД ПАРАВАНОТ ГЛАСАЈТЕ ЗА НАС, НИЕ ЌЕ ВЕ ЧУВАМЕ

Coцијалната правда е една од темите која е нереално запоставена од опозицијата и која ќе мора да се наметнува многу погласно. Повеќе од една третина од населението живее под работ на сиромаштијата. Социјалците и другите сиромашни граѓани треба да го преживеат денот со или без 21 денар по член од семејство. Најлесно е да се каже дека тие луѓе на избори ги купуваат со по 500 денари, што е точно. Сепак, треба да се покаже разбирање и да се најде начин тоа да се спречи.

Движењето со 5.000 активисти ќе овозможи да бидат (или да бидеме) блиску до нив преку целата година, па кога ќе дојде денот на гласање, кога ќе се стекне заемна доверба, ќе може да им се каже: „Земете ги парите, а зад параванот гласајте за нас, ние ќе ве чуваме.“  Ќе треба да им се објасни дека Македонија, според Уставот, е социјална држава и е должна да се грижи за нив.

Иницијативата „8 Септември“ достави свои предлог-мерки до Владата и до ЗЕЛС, со кои значително би се подобрил нивниот живот и достоинство. Мерки кои се остварливи, а кои Буџетот би го чинеле дополнителни 120 милиона евра од она што сега се одвојува од нив. Пари кои, ако се скрати непродуктивното и расипничко трошење, не би требало да има проблем да се најдат.

Работничките права се уште една тема каде што опозицијата не успева да поентира, а сите случувања ѝ одат на рака. Со години, со нови закони се скратуваат правата на вработените, како во реалниот сектор, така и во администрацијата. Големите синдикати се поклопени, а оние малите, независни, тешко успеваат да опстојуваат, а уште потешко да дејствуваат.

Работникот во Македонија ги има најмалите просечни и најмалите минимални плати во Европа. Подобри плати имаат дури и вработените во БиХ, Србија и Албанија. Да не зборувам за Романија и Бугарија, кои од оваа гледна точка изгледаат недостижни.

Затоа движењето треба да биде поддршка и за работниците, а со тоа да го делегитимира ССМ. Следниот Први мај да извадиме 50.000 работници на улица, а за тоа треба да почнеме да работиме веќе од денес.

РЕДНО ВРЕМЕ Е ДА ГО ОТВОРИМЕ ЦРНИОТ ТЕФТЕР

Делегитимирање на институциите е нешто што опозицијата треба да го направи без око да ѝ трепне. Собранието, министерствата, судството, државната, а сепак партиска МРТВ и сè друго работи за одржување и опстојување на власта на фамилијата. Сепак, со нив раководат некакви си луѓе кои редовно нанесуваат неправди. Редно време е да го отвориме тој црн тефтер и со име и презиме да ги запишуваме оние кои нанесуваат неправди во име на фамилијата.

Затоа треба да се промовира концептот на протести кај нив дома. Ако министерот за здравство не сака да обезбеди два милиона евра за луѓето со ретки болести, мислам дека е редно следниот протест да биде пред неговата куќа. Ако Груевски не сака да одвои 8 милиона евра за стечајните работници, нема друго, одиме кај него дома и му ги оставаме сметките за струја и вода.

Некој директор, таму, се чaтали ‒ одиме и кај него дома. И за ова ќе служи тоа движење, а ќе им набиеме темпо кое тие нема да можат да го следат со своите контрапротестанти.

Улица: Ако веќе тврдиме дека ни ги украле изборите, а ни ги украле, тогаш треба да сме на улица. Ако го бојкотираме нелегитимното Собрание, тогаш мора да сме на улица. Ако нема демократија, а нема, тогаш мора да сме на улица. Ако нема социјална правда, нема работнички права, нема здравство, нема образование… тогаш ни нема друго, мора да сме на улица! Не плашете се од слабата посетеност, тоа мора да почне од некаде и да трае континуирано. Ако е добро организирано ќе даде резултати.

Конфискација: Јас битката нема да ја сметам за добиена оној ден кога ќе падне овој режим. Тие оваа држава ќе ја остават со долг од 1 милијарда евра, кој на државата ќе ѝ биде проблем да го сервисира. Тие државата ќе ја остават без никаква инфраструктура, со нефункционален здравствен систем, каде што низ ходниците по болниците умираат луѓе, тие државата ќе ја остават со дуплирана администрација.

Според еден релевантен извештај, од 2006 година до 2010 година од Македонија се изнесени околу 3 милијарди долари црни пари. Претпоставувам дека бројката денес е поголема од 6 милијарди долари, затоа што од година во година, според извештајот, се изнесуваа повеќе пари. Не знам како ќе можат да се вратат тие пари назад, ама барем она што го чуваат во Македонија ќе мора да им бидe одземено. Во спротивно, ќе ни се вратат за брзо време, а и да не се враќаат, државата ќе доживее колапс зашто исцицаа сѐ што можеа.

Поврзани новости