Моторот ти чкрипи, Македонијо моја!

by lali 16:14
16:14

Има нешто повторувачко во дилемата: дали по една пауза може да се опфати периодот во кој ги немаше колумните. Особено кога периодот, иако беше краток, беше со некој доста буен интензитет од настани и појави кои авторот мисли дека би требало да бидат барем заведени  како напишани. Таквата дилема се протега до тоа: дали да се остави настрана тоа што било за да се заведе сегашното или можеби нешто што ќе следи?

Тука и овде таквото пишување би изискувало да се поврзе најповрзаното нешто ‒ дека, всушност, обвинителите Зврлевски и Гешковска се од една и иста институција. Иако првиот изгледа повеќе како „Монти Пајтон“-лик, а второспоменатата звучи како средновековна инквизиторка, сепак, тоа се исти обвинители во ист систем. Би требало некој да ги поврзе, за да нема забуна и да не му се верува толку на Зврлески, а толку да ѝ се верува на Гешковска!?

МОЛКОТ НА ОПОЗИЦИЈАТА

- Advertising -

Преоѓајќи од минатото на сегашноста во некоја блиска иднина се потрудив да размислувам и околу последните протести на граѓаните Албанци и што, всушност, досега тие ни покажаа. Издвоив дека тоа се, всушност, две работи. Првата е дека со интензитетот, камењата, насилството и полициската бруталност и неефикасност, и покрај толкавиот број потрошени шок-бомби, најголемиот проблем на Македонија не е ни прашањето со името, ниту добрососедските односи, туку немањето одговор за албанството во Македонија.

Со толкав молк од страна на опозицијата за сите овие случувања, всушност, и тие самите се ставија во подредена позиција ‒ дека ни нивниот бојкот не е главното прашање. Во еден замислен преглед на некој автомобил испадна дека, покрај трепкачи, летни гуми или регистарска табличка, кои недостасуваат, сепак, најважен проблем е чкрипењето на моторот. А чкрипењето, покрај другото, е и опасно, особено кога е, како во овој случај, неидентификувано.

ОПШТИНАТА, НАЈМИЛА НАША, Е ЧАИР

Посебно што Албанците имаа блиски примери, пак, да го споредат односот на нивната држава кон нив самите, споредувајќи го со настаните од Центар, Радишани, Ѓорче Петров.

Поставувајќи дури и прашања: како тоа, за напад на општина Чаир (конституирана во овој мандат со подигнато обвинение за изборен фалсификат), полицијата може да си дозволи толкав број приведувања, придружени дури и со физичко и психичко малтретирање на еден новинар, а неодамна, при упад во легитимно избраната општина Центар, немаше ни приведувања, дури ни санкционирање на навредите упатени кон легално избраниот градоначалник на таа иста општина Центар? Сите сме наши или некој е понаш? Во овој случај општина Чаир е таа, најнашата мила општина.

ЈАК ЈАТАК

Другата, до симболичност, споредба и знак е фамозното Кичево, кое почна да се третира како подалечно дури и од Пустец во Албанија, а при последните протести во сите градови испадна дека, всушност, Кичево е најмакедонскиот град, во кој единствено не се одржаа протести како во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар и Струга?!

Кога на ова последново ќе се додаде дека и партиското седиште на, во јавноста најспоменуваниот кичевчанец во поновата историја, Али Ахмети, со големи полициски маки беше успешно заштитено, човек едноставно треба да се запрепасти од степенот на интегративност на човекот и градот, за кого еден постар демонстрант рече: „Овој за себе народот го крена против полицијата ‒ сега полицијата против народот.“

Она што останува да се анализира за во иднина е прашањето: што да се прави со толкав степен на интегративност? Бидејќи чинот „војвода“ е зафатен од еден поранешен опозиционер, кој стана поранешен само затоа што во изборната кампања се замислуваше како да е веќе во владејачка позиција, не остануваат многу титули слободни. Освен, можеби најприкладната: јатак. Бивш командант на УЧК како јатак кај полицијата. Јак јатак, нема збор!

Поврзани новости