Оние кои прележале корона засега не треба да се вакцинираат

by fokus

Оние кои прележале Ковид-19 засега не треба да се вакцинираат, изјави министерот за здравство, Венко Филипче во очекување на првите дози на вакцини преку Ковакс механизмот што треба да стигнат во февруари, на гостувањето на ТВ Сител.

-Ги следиме порепораките и трендовите, гледаме какви промени се случуваат за некои препораки во согласност со политиката на производителите, но засега нема потреба тие лица кои прележале да бидат вакцинирани, истакна министерот.

Тврди дека е подготвен и поставен системот за вакцинација во однос на складирањето, планот на дистрибуција, како и на идентификувањето на критичните групи според приоритет.

-Направен е тој план, тоа се три групи – во првата лекарите, медицинските сестри, здравствените работници кои работат со Ковид пациенти, вработените во лабораториите. Понатаму штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години кои имаат коморбидитети, рече Филипче.

Во втората група, најави, се останатите здравствени работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите, и понатаму според приоритетите кои треба да се заштитат и другите пациенти од другите возрасни групи кои имаат хронични болести.

Во однос на пристигнувањето на вакцините и дали се доцни, министерот вели дека уште на почетокот кажале дека вакцинацијата ќе почне во февруари или март и оти реагирале и комуницирале навремено по сите три механизми за набавка на вакцини.

Во овој контекст додаде дека добро одат преговорите и со компанијата „Фајзер“, за што на вечерашната владина седница, како што во меѓувреме соопшти владината прес-служба, ги запознал членовите на Владата со најновите информации за набавката на мРНА (мРНК) вакцини од производителот „Фајзер“.

-За кратко време ќе го склучиме договорот и резервирани се дозите со таа динамика како што од „Фајзер“ беше најавено, тоа се 5.850 дози во февруари, 17.500 во март и април, меѓутоа гледаме дека тоа е едно прашање што е на некој начин проблематично и за сите земји во Европа. Сите земји и од ЕУ добија значајно помалку од тоа што беше планирано и тоа е причината зошто тој трет механизам на солидарност на некој начин доцни заради тоа што тие не можат да си дозволат да одделат сега во оваа фаза одредена количина и затоа најавија дека тоа ќе се случи во следните месеци по месец март, рече Филипче.

Повтори дека преку Ковакс механизмот ќе добиеме 833.000 дози за цела 2021 година, а првата количина дози, чија бројка се уште не е позната, се очекува да пристигне во февруари.

Во врска со најавата на премиерот Зоран Заев за можност за набавка на 200.000 кинески вакцини, Филипче рече дека нашиот комитет за имунизација одлучил да даде приоритет на вакцината која е одобрена од ЕМА и ФДА.

Поврзани новости