Кај нас се детектирани осум соја на Ковид-19, последните месеци преовладуваат два, вели Филипче

by fokus

Кај нас досега се детектирани осум соја на вирусот Ковид-19. Од последните летни месеци па наваму преовладуваат два соја, па од анализите што се прават во МАНУ дали има дополнителни мутации на вирусот кај последните новодијагностицирани ковид случаи, како и целосната епидемиолошка состојба, ќе зависат идните мерки, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

– Во овој момент се прави генетско секвенционирање и анализи на вирусот од последните две недели за да видиме дали има некаква мутација којашто е можеби слична на онаа што ја има во Велика Британија. Неделава ќе знаеме дали има дополнителна мутација на последните новодијагностицирани случаи во последните две недели, рече вечерва Филипче во гостување на ТВ Сител.

Имаме, потенцираше, значаен пад на новодијагостицирани случаи што значи дека мерките од пред неколку месеци дадоа резултат.

-Сега сме во период во кој ќе треба да видиме и процениме што понатаму. Болниците се навистина подиспразнети, повеќе од 50 проценти од капацитетите на болниците ширум државата се празни, првпат после сериозно долг временски период и на Инфективната клиника има слободни кревети. Од следната недела во функција се враќаат повеќе одделенија, офталмологија и оториноларингологија почнуваат со редовна работа, така што ние сме во стабилна ситуација, но тоа не значи дека треба да бидеме помалку внимателни, укажа Филипче.

Поврзани новости