Охридскиот градоначалник не ја почитувал самоизолацијата

by Fokus

Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на 19 јануари се тестирал во Центарот за јавно здравје во Охрид, каде што неколку часа подоцна добил позитивен тест, а во меѓувреме го славел празникот Водици, пречекувал гости и се гушкал со повеќето од присутните таму.

Сепак, како што вели тој, во периодот додека ги чекал резултатите, тој немал симптоми, а се тестирал за патување во странство.

Според нашите информации, првиот човек на Охрид не бил единствен носител на вирусот, туку позитивен на ковид 19 бил и неговиот секратар на општината, Александар Китески. Нашите извори тврдат дека и двајцата се на списокот на позитивни пациенти од 19 јануари.

Без разлика дали тој го правел  ПЦР тестот за патување во странство или не, сепак во Уредбата  донесена на владина седница во април, 2020 година  јасно се наведува дека од тестирањето па се до добивањето на резултатот секој граѓанин мора да биде во самоизолација.

„Сите домашни и странски лица, симптоматски и асимптоматски на кои им е извршено тестирање за присуство на ковид 19 во нивниот организам се ставаат во задолжителна самоизолација и тоа од моментот на земањето на материјалот за тестирање (брис од уста, брис од нос, брис од грло, крв…) се до добивањето на негативен резултат„, пишува во Уредбата.

Два дена подоцна, поточно на 21 јануари, Пецаков прави уште еден тест и тоа повторно во Центар за јавно здравје Охрид,  каде што добива негативен резултат. Но, тоа не значи дека тој претходно не бил позитивен одреден временски период, без да има некакви симптоми.

Нашите извори уште тврдат дека охридскиот градоначалник воопшто не бил во самоизолација, што е спротивно на Законот. Тоа што е уште почудно што тој самиот по професија е лекар, поточно стоматолог, кој најубаво треба да знае како функционираат законските одредби и што значи самоизолација.

„Во периодот кога се носат уредбата и законот тој бил во ординација како лекар, а не како градоначалник и морал да ги следи препораките на владата и да ги упатува пациентите. Значи, знае како функционираат работите за време на пандемија“, тврдат нашите извори.

Во текот на денешниот ден, полицијата поднесе кривична пријава за градоначалникот на Охрид кој наместо да биде во изолација поради ковид бил на прослава на Водици. Кривична за истото дело добил и секретарот на општината  Китески.

-Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”, СВР Охрид до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против К.П.(37) и А.К.(37), двајцата од Охрид.

 

Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на корона вирус и, наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник „Богојавление- Водици 2022 година” одржана во Охрид, соопштија од МВР.

Од друга страна, пак од ВМРО-ДПМНЕ вчера го обвинија генералниот секретар на владејачката партија Миле Зечевиќ дека бил позитивен на ковид за време на посетата на Охрид за празникот Водици, но тој во изјава за „Фокус“ ги демантираше, тврдејќи дека во тој период ниту бил носител на вирусот, ниту пак имал некакви симптоми.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости