Одлуката за продолжување на кризната состојба е блокирана со 400 амандмани

by fokus

Одлуката за продолжување на кризната состојба во земјава е блокирана со над 400 амандмани. Оваа точка е на дневен ред на утрешната седница, која, како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, е одложена на неодредено време поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ го условило кворумот со барање утре да се расправа само за три, наместо за 30 точки, колку што се на дневен ред.

Џафери денеска повика на, како што рече, здрав разум наместо теснопартиски интереси и ја посочи оваа точка како пример, која е прва на дневен ред и истакна дека со одлуката треба да се продолжи кризната состојба, која според претходната одлука завршува на 31 март.

Тој е револтиран од ваквото однесување и праксата што се наметна, како што рече, секој предлог-закон да се блокира со амандмани, без разлика за кои закони се работи и со која цел.

Конкретно за овие 400 амандмани, рече дека се поднесени од Алијанса за Албанците и Алтернатива и се условување да се прифати нивниот предлог-закон за државјанство кој, пак, е блокиран со стотици амандмани од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

Поврзани новости