Од зорт избори, зорт ќе се стори

by Фокус

Пишува
Рамадан РАМАДАНИ

Во Македонија се прогласија и парламентарни избори паралелно со вториот круг претседателски избори. Поради тоа што роковите за овие парламентарни избори сè уште не се службено почнати, рано е отсега да се предвиди вкупниот резултат од нив. Но, затоа не е рано да се каже како изгледаат овие, кратко опишани, како од зорт избори!

А, тие можат да бидат опишани вака поради многу причини, но пред сè зашто беа побарани и прогласени од власта, иако, според логиката на дејствување, требаше да бидат побарани и наметнати од опозицијата. Од СДСМ, заради нов парламентарен состав кој би бил легитимен и кој би ја вратил легалноста нарушена на црниот понеделник, 24 декември, а од ДПА затоа што ДУИ и не води воопшто политика ни во Парламентот, ни во Владата, па затоа ги прави гласачите Албанци политички непретставени.

Но, овие, од кој било прогласени избори беа од сите прифатени и со тоа зортот како збор кој означува тешкотија се провлекуваше многупати и ќе продолжи така сè до нивното конечно завршување, претворајќи се, како и многупати досега, во навистина зорт избори и според непредвидливоста на резултатите.

ПОБЕДНИЧКИ ЗА ПОБЕДА

Непредвидливоста овој пат не ја прави тоа што го имаат главните четири учесници во изборите, туку тоа што им недостасува. Така, на СДСМ ѝ недостасува победничкиот елан и однос кој е многу важен и при кампањата, и во самите избори. Дотолку што оваа партија сè уште недоволно го акцентира фактот дека ваквата влада, сега без собрание, е техничка влада треба да се однесува како таква.

Нешто слично ѝ недостасува и на ДПА, која, сепак, е поизразена во победничката реторика отколку во победничкото дејствување. Нејзе ѝ недостасуваат фронтмени кои веќе победиле за таа победничка реторика да биде уште поверодостојна.

Така, последните несогласувања околу листата на пратеници во ДПА, која во основа е препирка меѓу оние во ДПА кои сакаат да победат на овие избори и на некои на кои тоа и не им е толку важно, може да донесе и повеќе победнички имиња на листите.

ПУТИН ГЛЕДАМ, СТАЛИН ВАДАМ

ДПМНЕ, од друга страна, има наизглед сè, но и сè ѝ недостасува. Таа моментално се наоѓа во ситуација на сложувач на сложувалка кој ги има сите парчиња од сликата и успешно ја сложува.

Но, проблемот е што некои парчиња се толку слични, што пасуваат и во друга слика од таа што треба да се сложи. Да конкретизираме со ним омилените ликови, ова е сложувалка на слика од Сталин која тие ја редат и се задоволни зашто веќе се наѕира докомплетирањето на ликот на Путин.

Одеднаш, некаде пред избори и на самиот ден остануваат некои парчиња од сложувалката кои се дел од мустаќите на Сталин. А, тогаш ќе биде веќе доцна, зашто ќе треба целосно да се пресостави таа сложувалка.

МНОГУ ТЕСТО ЗА ЕДНА КРОФНА

ДУИ е, исто така, многу години на власт и има сè. Но, она што ѝ недостасува на ДУИ е основното за неа: политиката. Кога се гледаат кампањата, собирите и луѓето на ДУИ, и сега во оваа предвремено и незаконски почната кампања, тоа изгледа импозантно како убаво зготвено и бајаги нараснато тесто. Од кое, за жал, на крајот излегува само една единствена крофна што ќе ја изеде некојси Муса Џафери, со кафе или со чај, некаде во „Александар палас“?!

Недостигот од политика и настапот на политички избори како во некоја административна трка за покачување ја прави ДУИ ептен ранлива во однос на очекуваниот резултат. Така, ДУИ, пред гласачите, е во ситуација слична на некоја штедлива домаќинка која везден бара пари од мажот, но нив никогаш не ги троши!

А таквата тактика не трае долго. Брзо доаѓа денот кога тоа завршува и кога мажот прашува: а што ќе ти се и да ти ги дадам кога никогаш ништо не купуваш? Како што овојпат гласачите можат да ја прашаат ДУИ: а што ќе ти се толку пратеници кога и минатиот пат ги имаше доволно и за влада и за Бадентер, а имаш „тилт“ како да играш на флипер?

Поради сета преуранетост на предвремените избори останува рано отсега да се прогнозира каков било резултат, но кога на сето наведено ќе се додаде и веќе евидентната предност што ја има опозицискиот кандидат Стево Пендаровски, тогаш сиот збир на овие зорт избори може да произведе доста зорт и тешкотии, според сите предвидувања!

Поврзани новости