Што содржат смс-пораките од Груевски до Велија, кои судот ги прогласи за државна тајна?

by Фокус 10:30
10:30

Текстот е објавен на 16 март 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 872

Пишува
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

- Advertisements -

Риболовот и политиката му беа голема страст. Но, наместо да стане политичар, заврши како богат политички плен. Не го фатија во рибарска мрежа, туку му исплетоа една по мерка, пајакова. Ова не е рибарска приказна, туку суровата реалност на Велија Рамковски. За само една година, Владата на Никола Груевски му ја сруши империјата која ја градеше две децении.

Од медиумски магнат, кој беше убеден во својата моќ и влијание, и кој само 20 дена пред да биде уапсен истакна „Мојата фотелја е посигурна и посилна од премиерските, тие се менливи”, заврши на метално столче зад решетки. Беше победен, уште пред битката да започне. Рамковски никогаш не се надеваше дека ќе биде поразен, велеше дека тој им ја носи и им ја зема власта на политичарите. Беше убеден дека Груевски нема да ја уништи А1.

„Тој  може да тргне со булдожер на А1, може да крши закони, може и да ме убие, но не може да ме скрши”, рече Рамковски во последното интервју за „Фокус”, дадено на 3 декември 2010 година.

Но, по 21 ден, се сѐ смени. Беше уапсен, околу 23 часот, во кругот на телевизијата. Неговите блиски пријатели коментираа дека не бил изненаден и дека го очекувал апсењето, но истакнаа дека никогаш не очекувал дека заедно со него, зад решетки ќе завршат и неговите деца, брат, и блиски роднини од страната на неговата сопруга.

ЕДЕН ВЕК ЗАТВОР

Пред неколку месеци, со затварањето на четирите критички медиуми, Владата ги урнаа темелите на демократијата, а во средата ја доби и судската „оправданост”. Вкупно 109 години затвор добија 19 обвинети во случајот „Пајажина”, еден се извлече со условна казна, а тројца се ослободени од вината која им се ставаше на товар.

Велија за злосторничко здружување доби три години, за перење на пари шест години, за даночно затајување пет години и за злоупотребата на службената положба уште една година. За сите дела вкупната казна е 15 години, но судот му одреди единечна казна од 13 години.

Неговиот син Хеди доби седум годишна казна, како и обвинетите Рамадан Ибраими и Неше Рамиз Ибраими. Една година помалку добија ќерката на Рамковски, Емел Рамковска, неговиот брат Амди Рамковски, Жаклина Георгиевска, Невин Рауф, Зоран Мицевски, Славица Маринковска, Рамадан Чичек и Бранко Пишев.

Поранешниот директор на „А1” телевизија, Дарко Перушески, доби казна од 5,6 години, а на петгодишна казна е осудена Ѓултен Џемаили. Наташа Крстановска и Слободан Пејовски добија по четири години, Жарко Стојановски доби 3,5 години, а Ибраим Ибраими три години.

Директорката на „А1” телевизија, Анета Кочишки доби 2 години и 3 месеци, а новинарот Александар Дамовски доби условна казна од 2 години, која нема да се активира ако во наредните четири години не направи кривично дело.

Тројца од обвинетите, Јасмин Љатифовиќ, Маријан Танчевски и Муамед Абди, пак, добија ослободителни пресуди, бидејќи обвинителството немало доволно докази за да ја докаже нивната вина. Речиси сите обвинети добија и парична казна која се движи од три до пет илјади евра.

Изрекувањето на пресудата, обвинетите и нивните семејства ја примија смирено, но најголемиот дел од нив не успејаа да ги задржат солзите. Очигледна беше и горчината и болката на нивните лица, истакнувајќи дека воопшто не се изненадиле од пресудата. Адвокатите, пак, кусо истакнаа дека очекувале на овој начин да се финишира циркусот кој се презентираше на 66 судски рочишта.

Најголемиот дел од 23 обвинети во „Пајажина” поминаа неколку месеци во притвор во затворот „Скопје”, а најиздржливите осуммина, меѓу кои има и мајки и татковци на малолетни деца, издржаа дури 14 месеци. Сега им се закануваат долгогодишни затворски казни, за кои единствениот спас ќе го бараат во Апелација.

Сепак, додека да ги искористат сите правни лекови, односно до правосилноста на пресудата, петмина осомничени и понатаму ќе останат во истражниот затвор. Без своите малолетни деца и понатаму секој нов ден ќе треба да живеат Емел Рамковска, Дарко Перушевски, Зоран Мицевски, Славица Маринкова, а, секако, место во ќелијата е резервирано и за Велија.

ШТО МУ ПИШУВАЛ ГРУЕВСКИ НА ВЕЛИЈА?

Судскиот процес „Пајажина” го тресеа низа скандали. Од однапред напишани записници и експресно вештачење на доказите, до кршење на законите, бркање и казнување на адвокатите, до онесвестување на обвинетите. Како докази за наводниот криминал тежок пет милиони евра, обвинителството, според адвокатите, понуди докази во фотокопија и докази стекнати на незаконски начин.

Судскиот совет на чело со судијката Павлина Христова, пак, беше во постојана трка со времето, се со цел пресудата да се донесе пред 22 март. Спринтерски го истрча рокот, бидејќи ако дотогаш судот не пресечеше, обвинетите ќе требаше да се бранат од слобода откако ќе помине една година од поднесувањето на обвинителниот акт.

Интересно беше и тоа што Судскиот совет не му дозволи на Рамковски во текот на 66 рочишта да ја докаже својата вистина, дека „Пајажина” е политички монтиран процес. Тој тврдеше дека во доказниот материјал, прибавен со посебните истражни мерки, покрај тоа што бил сниман како оди на риболов, имало и снимани разговори и пораки од неговиот мобилен телефон, кои ги водел со премиерот Груевски.

Што му зборувал премиерот Груевски на Рамковски, остана непознато, бидејќи овие разговори не беа презентирани со останатиот доказен материјал. Имено, судскиот совет одлучил дека немаат поврзаност со случајот!

Според нашите неофицијални информации, дел од пораките биле со заканувачка содржина, со кои Велија сакал да ја докаже причината за неговото затворање. Дека преписките со премерот  се „државна тајна”, се потврди и на завршните зборови на Рамковски.

Штом сопственикот на А1 го спомена името на Груевски, експресно беше запрен од судијката. По бурната реакција на адвокатите, таа му дозволи на Рамковски да си каже дека тој и неговите соработници се жртви на гарнитурата на Груевски, чија единствена цел била да ги замолчи критички настроените медиуми!

ЉУБОВТА ОД ИНТЕРЕС ТРАЕШЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ

Пред да заиграат воените секири, Груевски и Рамковски беа во „политичката љубов”, која, пред се, беше  врска од меѓусебни интереси, а започна во 2005 година, една година пред парламентарните избори. Во тој период Велија ја основа и Партија за економска обнова, која набрзо по изборите беше затворена.

Го стори тоа, откако за возврат Владата му вети дека ќе ја прифати неговата програма за развој на земјоделието. Во наредните три години, несудениот политичар Рамковски и вицепремиерот Зоран Ставрески заедно „садеа тикви и одгледуваа краставици”, за време на трибините посветени на земјоделието. И сѐ беше како во бајките.

Но, во 2009 година односите се заладија, почвата стана јалова. Рамковски сфати дека нема контрола врз ресорот земјоделие, нешто што најмногу го посакуваше, по што набрзо и доби „корпа” од дотогашниот партнер. Велија набрзо ја заостри својата реторика.

Во три наврати „претера и со новинарството”, и преку медиумите откри наводна криминална афера на Владата. Сосема конкретно, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ со владини пари плаќала партиски реклами во А1. Набрзо се предомисли и истакна дека обвинувањето го кажал во афект, иако дотогаш го имаше кажано истото за три различни медиуми, во различни временски периоди. Нудеше и документација за доказ.

Сепак, од Владата експресно го демантираа оваа тврдење. Јавното обвинителството, пак, се огласи во јавноста дека по допрен глас ќе спроведе истрага. Арно ама, досега од таму добивме само молк. Ана Павловска Данева, потпретседателка на СДСМ, истакна дека и ВМРО-ДПМНЕ, по ова скандалозно признание, требало да биде дел од пајажината.

– Обвинителството требаше да реагира по службена должност, по допрен глас. Но, досега ниту слушнавме дека таква постапка е поведена, ниту, пак, дека има завршница. Додека е оваа гарнитура на власт не очекуваме некој да се заинтересира за аферата, но тоа ќе се случи при промена на власта. Ова дело, за кое вината ја призна и Рамковски, но го впери прстот и во партијата, не застарува – нагласува Павловска Данева.

Додека правдата се спроведува селективно, Македонија ќе остане единствената европска земја во која зад решетки се чуваат политички затвореници. Да беше само криминалот во прашање, не ќе се внесеа толку својски да ги сотрат медиумите од Перо Наков.

Сите европски демократии се водат од светски познатата мисла: „Нивото на демократија во едно општество не се мери според тоа колкав простор ќе им се остави на оние што фалат, туку на оние што ја критикуваат работата на владата”. Ако на оваа мисла и дадеме портокалов мелос, тогаш ќе го добиеме рецептот за македонска демократија: „Секој има право да го каже она што го мисли лидерот на владејачката партија”.

Како иронија на судбината, Велија Рамковски беше лидер во медиумскиот бизнис, а и овој пат е на врвот. Тој ќе важи за прв медиумски газда кој, ги има сите шанси, да добие ореол на политички затвореник.

ПРОСТИ ИМ БОЖЕ, НЕ ЗНААТ ШТО ПРАВАТ!

Сопругата на Велија, Мазес Рамковска, истакна дека егзекуторите на нејзиното семејство, кога и да е, ќе ги стигне правдата.

– Можам само да кажам, прости им Боже, не знаат што прават. Друго нешто е тешко да се изговори. Повеќе од јасно дека ова е смислена политичка игра на власта, а во овој случај судот им беше продолжена рака – е првиот коментар на Рамковска, која најави  и дека ќе ги искористат сите правни можности за да ја исправат оваа неправда, а, на крајот, сето тоа и скапо да го наплатат.

АКЦИЈАТА УСПЕШНА, МЕДИУМИТЕ МРТВИ!

„Пајажината” на Перо Наков почна да се заплеткува на 25 ноември 2010 година. Во попладневните часови инспектори на УЈП во придружба на кордон полицајци и специјалци влегоа во А1 телевизија и останатите фирми на истата адреса. Министерката Гордана Јанкуловска и Горан Трајковски, директорот на УЈП, упорно тврдеа дека инспекциите не се наменети за медиумите на оваа адреса.

На 24 декември веќе беше уапсен Рамковски и останатите осомничени во акцијата. Банкарските сметки на медиумите набрзо беа замрзнати, со што се оневозможи нивната работа. А1 во знак на протест се пресели во отвореното студио пред зградата на владата.

Жешкото лето не го дочекаа трите дневни весника „Време”, „Шпиц” и „Коха е ре”, а, по еден месец, на 30 јули и А1 престана да зрачи во етерот, откако Агенцијата за електронски комуникации и  ја одзеде дозволата за работа. На крајот на јануари годинава телевизијата беше ликвидирана, а 354 доверители побараа 23 милиони евра. Сега преку продажба на имотот ќе се намируваат долговите кон нејзините доверители.

СЕМЕЈСТВА НА ПИТАЧКИ СТАП

Два дена пред објавувањето на пресудата, судот привремено им го замрзна имотот на семејството Рамковски и на поголемиот дел од останатите обвинети. Со решение на Основниот суд, а по барање на јавното обвинителство, катастарот привремено им забрани на обвинетите да располагаат со имотот.

Сопруг на едена од обвинетите истакна дека повеќе нема од што да живее, бидејќи досега го прехранувал семејството со издавање на едниот стан, кој им бил оставен во наследство. По оваа одлука не смее повеќе да има кираџии, ниту, пак, да го продава станот. Бидејќи со сопругата ја изгубиле и работата, сега се жали дека немаат од што да живеат!

Поврзани новости