Од Здравствениот инспекторат му порачаа на ВМРО-ДПМНЕ да не манипулира со состојбата на Гинекологија

by fokus

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат реагираа на партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ за состојбата на Клиниката за Гинекологија.

-Тажен и очаен е обидот на политичката партија предизборно да поентира без аргументи и да се сведува на малограѓански дискусии за фризури со цел да ја дефокусира јавноста од вистината. Од тие што имаат најголема одговорност за ваквата состојба на ГАК не очекувавме да си го дозволат луксузот да напаѓаат таму каде што нема да можат да се одбранат. Наодот до кој дојде Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврди дека ГАК сите изминати десетина години работела во несоодветни услови, а јавноста била манипулирана со некакво си прво место во светот по здравствени услуги. Доколку функционираа институциите во изминатите десет години, тогаш и Државниот санитарен и здравствен инспекторат и други институции ќе укажеле на луксузот за кој биле трошени десетици илјади евра во ГАК во нивно време, а истовремено пациентите пропаѓале во дупки по ходниците и имало огромен број умрени новороденчиња, се вели во реакцијата.

Од Инспекторатот додаваат дека оваа тема е премногу сериозна за било која политичка партија да си дозволи да поентира, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема да премолчи ниту една критика или реакација од било која партија, ниту пак ќе дозволи да биде жртва на политичката борба.

Поврзани новости