Од решавањето на спорот во следните месеци ќе зависи дали ќе отпочнеме преговори за членство во ЕУ

by fokus

Европската унија го условува почетокот на преговори за членство со евентуалното решавање на спорот за името што Македонија го има со Грција. На вчерашната презентација на Стратегијата за Западен Балкан, еврокомесарот за проширување и високата претставничка за надворешна политика јасно истакнаа дека ЕУ нема да прифати нови членови во своето семејство кои имаат нерешени билатерални прашања.

Ваквата порака пред се се однесува на Македонија и Србија. Црна Гора и Србија се понапред во трката кон европската заедница и добија охрабрувачки пораки дека членството е возможно до 2025 година, но дека е потребно да се случи чудо за Македонија да ги престигне. Сепак Србија мора да го реши проблемот со Косово, но и со влијанието кое го има во Република Српска.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера пред европратениците рече дека ниту една земја од Балканот нема да биде примена во ЕУ пред да ги реши сите гранични спорови со соседите.

– Проблемите мора да бидат решени пред пристапување или нема да има натамошно проширување – изјави Јункер.

Историски чекори во овој поглед мора да направи и Македонија, со таа разлика што од неа се очекува тоа да го направи следниве месеци.

-Имаме неколку месеци пред нас за да постигнеме резултат – рече Фредерика Могерини за процесот на интеграција на Македонија.

Сигналите од ЕУ укажуваат на тоа дека месеци се во прашање пред да се реши спорот со името.

-Јасно е дека условите мора да бидат исполнети, а јасните пораки во оваа стратегија се дека ЕУ нема да прифати земји што ги немаат решено своите билатерално-конфликтни прашања – истакна Хан.

На иста линија беше и изјавата на евоамбасадорот, Самуел Жбогар, кој рече дека следните шест месеци се мошне важни за Македонија.

-Добрососедските односи е еден од принципите на ЕУ и се однесува на сите земји. Сите овие прашања треба да се решат пред да се влезе во ЕУ. Унијата нема да прифати земји кои имаат отворени прашања – рече Жбогар.

Двете страни во спорот веќе го издвоија месец јуни како можен рок за решавање на спорот. Дали преговорите навистина се ближат кон својот крај ќе зависи од волјата на македонската Влада да прифати еден од предлозите. Во прилог на тоа оди и вчерашната изјава на премиерот, Зоран Заев, кој рече дека Владата е подготвена на име со географска одредница.

Поврзани новости