Од почетокот на војната во Украина загинаа 50.000 руски војници, покажува истражување на Би-Би-Си

by Fokus

Најмалку 50.000 руски војници загинале досега во конфликтот во Украина, покажува последното истражување на Би-Би-СИ.

Москва официјално не соопштува податоци за загинати припадници на армијата, но тоа е бројка на војници чија смрт Британците успеале да ја потврдат, додека напоменуваат дека вистинскиот број на загинати е многу повисок, затоа што во нивната анализа немаат вклучено информации за жртвите во паравоените формации во сепаратистичките републики Доњецк и Луганск.

Истражувањето е спроведено од страна на рускиот сервис на Би-Би-Си, независната медиумска групација Медиазона и доброволци, кои собирале податоци уште од февруари 2022 година.

Истражителите информации за загинатите барале во официјалните извештаи на руските власти, медиумските написи и објави на социјалните медиуми.

Тие заклучиле дека бројот на загинати руски војници во втората година од војната изнесува 27.300, што е малку повеќе за разлика од првата.

И Украина редовно не соопштува податоци за загинати, иако во февруари украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од почетокот на руската инвазија загинале 31.000 украински војници.

Сепак, и оваа бројка според американските разузнавачи, е значително пониска од реалната.

Поврзани новости