Од 48-мо дојдовме до 3-то место, целта ни е да сме први во отчетност– тврди Јанчев

by fokus
Скок за цели 45 места направила општина Кавадарци во делот на транспарентно и отчетно работење – информираше денес градоначалникот Митко Јанчев.
-Со проектот следење на принципи на јавна администрација во зачувување на вредноста на доброто и управувањето, направивме мала презентација на оваа брошура која со покривање на Европската Унија секоја година ја отчитува транспарентноста, отчетноста и управувањето со финансиите во локалната самоуправа. До пред мојот мандат, општина Кавадарци била на 48-мо место по транспарентност од вкупно 80 места, односно од 100 проценти, имала 21 процент исполнетост. Во моментот, Кавадарци во делот на транспарентноста има значителен пораст за дури 43 места, односно се наоѓаме на третото место, со 50,6 проценти исполнетост. Ова е голем успех за нашата општина, совет, за мене како градоначалник. Значи нашата општина има едно високо ниво на работење во администрацијата, медиумски и објективно. Верувам дека во 2019 година ќе се бориме да дојдеме до првото место. Имаме доста работа, треба да се исполнат уште 40 проценти, за да се достигне критериумот на Европската Унија во делот на транспарентост на локалната самоуправа – ни изјави Јанчев.
Тој додава дека намерата му е Кавадарци да го достигне врвот и да биде пример за отчетност кон граѓаните околу тоа што и како се работи и како се трошат народните пари.
-На прво место е општина Штип со 61 процент на исполнетост на процентот. Не сме далеку од нив и со оваа годишна програма, сметам дека ќе поминеме над 80 проценти за наредната година, да бидеме позитивен пример за граѓанството и за една локална самоуправа и за буџетските пари кои транспарентно треба да ги трошиме и да ги објавуваме сите информации, со цел да им бидат достапни на сите граѓани – раскажа градоначалникот за „Фокус”.
Вики Клинчарова

Поврзани новости