Обвинувања за незаконие во граѓанскиот суд: За недоспеан долг од 467 илјади евра, судијка ѝ замрзна на компанија 1,5 милиони евра без вештачење!

Откако скопскиот граѓански суд донесе решение за привремена мерка за обезбедување на 1,5 милиони евра на приватна компанија, од таму испорачуваат тешки обвинувања дека целиот случај се карактеризира со непрофесионално и незаконско постапување од страна на судијката Бисера Стефковска Митиќ, поради што поднесоа претставка до Судскиот совет. Во нивната жалба до апелација, меѓу другото, се наведува дека таа донела решение за обезбедување на 1,5 милиони евра, иако реалниот долг од 467 илјади евра е недоспеан, додека за наводната материјална штета од 1,1 милиони евра немало вештачење. Стефковска Митиќ, пак, ги отфрла ваквите тврдења.

by vlatko 17:24
17:24

Текстот е објавен на 12 март 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.588.

Нецел месец по основањето во 2022 година, компанијата „АР Груп“ склучила преддоговор со „МКМ Експрес“ за купување на деловен простор од 637 квадратни метри, плус гаражни места, за вкупна цена од 1.451.393 евра. Меѓутоа, купувачот воопшто не го уплатил авансот, по што двете страни склучуваат анекс со нова динамика на плаќање, која повторно не ја почитува купувачот. Набргу потоа, тие склучуваат и втор анекс, по што „АР Груп“ врши две уплати од вкупно 467 илјади евра. Арно ама, и двете уплати биле задоцнети и пониски од висината на договорените рати, па продавачот одлучил да го раскине преддоговорот, кој му дава такво право заедно со обврска да ги врати уплатените средства откако истиот деловен простор ќе го продаде на други субјекти. Но, „АР Груп“ не ги чекал средствата назад, туку одлучил по судски пат да ги бара од „МКМ Експрес“ не само уплатените 467 илјади евра, туку и дополнителни над 1,1 милиони евра во име на материјална штета, или вкупно 1,5 милиони евра. Откако скопскиот граѓански суд одлучи да го прифати предлогот на „АР Груп“ да донесе решение за привремена мерка за обезбедување на 1,5 милиони евра на „МКМ Експрес“, тужената компанија испорачува сериозни тврдења дека целиот случај се карактеризира со пристрасно, непрофесионално и незаконско постапување од страна на судијката Бисера Стефковска Митиќ, поради што поднесоа претставка до Судскиот совет. Во нивната жалба до второстепениот апелациски суд, меѓу другото, се наведува дека таа не направила напор тужбата да ја достави до тужениот, првично оневозможувала увид во предметот, донела решение за обезбедување на 1,5 милиони евра, иако реалниот долг од 467 илјади евра е недоспеан, додека за наводната материјална штета од 1,1 милиони евра немало вештачење… Стефковска Митиќ, пак, ги отфрла сите обвинувања.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако фирма без вработени и активности не ги почитувала преддоговорот и анексите за купопродажба на деловен простор во Скопје, односно не ги вршела уплатите согласно договорената вредност и динамика, сепак, Основниот суд – Скопје 2 го прифатил нејзиното тужбено барање и, без вештачење за материјална штета, донел одлука за обезбедување/замрзнување на 1,5 милиони евра на приватна компанија, што е за 3 пати повеќе од средствата што реално ги уплатил тужителот.

Поради тоа, тужената компанија се обидува да ја оспори оваа првостепена судска одлука пред второстепениот апелациски суд, бидејќи сметаат дека законот е на нивна страна. Во спротивно, доколку тоа не се случи, предупредуваат дека ќе се доведе во прашање нејзината ликвидност, и тоа во време кога градат станбено-деловен комплекс со шестотини станбени единици, плус деловен простор.

Инаку, во дописот што ни го достави друштвото се изнесуваат и сериозни обвинувања за пристрасно, непрофесионално, па дури и незаконско постапување, притоа наведувајќи повеќе индиции – судијката не направила напори тужениот да го добие известувањето, првично не дозволувала увид во предметот, донела одлука за замрзнување на дополнителни 1,1 милиони евра по основ на наводна материјална штета. Затоа, од таму поднесоа претставка до Судскиот совет за оценување на работата на судијката и најавуваат дека ќе бараат нејзино изземање.

Во врска со ваквите тврдења, се обративме до сите споменати и засегнати страни, при што некои одлучија да не одговорат на нашите прашања, а оние што се произнесоа ги отфрлија сите обвинувања. „Фокус“ располага со судската одлука во корист на тужителот, со жалбата поднесена од тужениот, со договорите, анексите склучени меѓу тужителот и тужениот… Што открива документацијата за овој случај, кој не може да се третира исклучиво како приватен спор меѓу две фирми, од причина што тежината на наводите околу начинот на постапување и одлучување на граѓанскиот суд и предметната судијка пробудуваат јавен интерес?

ПРЕДОГОВОР И АНЕКСИ

Ако се бара генезата, тогаш таа почнува во 2022 година (14.07.2022), кога „АР Груп 2022“ склучува преддоговор со „МКМ Експрес“ за купување на деловен простор во станбено деловниот комплекс лоциран на градежна парцела 2.5, во рамки на катастарска општина Кисела Вода 2, што се гради врз основа на ДУП за градска четврт И12, донесен од Општина Аеродром. Според преддоговорот, станува збор за 5 деловни простории со вкупна површина од 627 квадратни метри, кои „АР Груп“ се договорил да ги купи од „МКМ Експрес“ за вкупна цена од 1.451.393 евра во пакет со 5 гаражни места (2.259 евра по квадрат за деловниот простор, плус по 7.000 евра за секое гаражно место).

Притоа, во преддоговорот склучен меѓу Абдула Хазири од „АР Груп“ во својство на купувач, од една страна, и Горан Ристовски од „МКМ Експрес“ во својство на продавач, од друга страна, стои дека купувачот се обврзал веднаш да уплати аванс од 181.424 евра, а потоа купувачот морал да уплати уште 7 идентични рати од по 181.424 евра во периодот од 31.10.2022 до 30.04.2024 година. Арно ама, „АР Груп“ на Хазири не го уплатил ниту авансот, што, според одредбите во преддоговорот, претставувало основа тој да биде еднострано раскинат од страна на „МКМ Експрес“.

„Доколку авансот не биде уплатен како што е погоре договорено, преддоговорот ќе се смета за раскинат без обврска за продавачот за тоа да го известува купувачот, така што продавачот по истекот на рокот е целосно слободен истата недвижност да ја продаде на друг купувач“, гласи став 2 од член 4 од преддоговорот, кој уште пропишал дека рокот од ставот 1 од истиот член, кој предвидува авансот да се уплати веднаш по склучувањето на преддоговорот, има „карактер на суштествен елемент“.

И покрај тоа што купувачот не го уплатил авансот како што било договорено, продавачот првично не го раскинал преддоговорот, туку двете страни во следниот период склучуваат 2 анекс-договори. Практично, со овие анекси не се менува цената на чинење на недвижниот имот што бил предмет на купопродажба, туку се интервенира во динамиката на плаќање. Меѓутоа, купувачот не ги испочитувал обврските ниту од двата анекси на преддоговорот, по што тој бил раскинат од страна на купувачот.

НЕЦЕЛОСНИ И ЗАДОЦНЕТИ УПЛАТИ

Поточно, „АР Груп“ и „МКМ Експрес“ го склучуваат првиот анекс-договор на самиот крај на 2022 година (30.12.2022), со кој се менува начинот на плаќање, така што купувачот се обврзал дека вкупната сума ќе ја плати на 4 рати, односно дека ќе исплати една рата од 300.000 евра и уште 3 рати од по 383.798 евра во периодот од 31.01.2023 до 31.07.2024 година. Сепак, како што тврдат од „МКМ Експрес“, „АР Груп “ немал ниту една уплата и врз основа на овој анекс-договор, што повторно било основ за негово раскинување. Во секој случај, тоа не се случило, бидејќи двете страни склучиле нов, втор анекс.

Конкретно, тоа се случило на средината на 2023 година (21.06.2023), кога двете страни се согласиле на нова измена на преддоговорот во делот на динамика на плаќање, така што овојпат тие се договориле дека купувачот „АР Груп“ ќе ја плати договорената сума исто така на 4 рати – првите три од по 383.798 евра и последната четврта од 300.000 евра, во периодот од 15.07.2023 до 15.01.2025 година, што значи дека рокот за исплата се поместува за половина година во споредба со првиот анекс. Но, според „МКМ Експрес“, „АР Груп“ повторно не ги почитувал договорените обврски.

Односно, „АР Груп“ после вториот анекс-договор ги врши првите уплати, но, според „МКМ Експрес“, тие биле ненавремени и нецелосни. Имено, според продавачот, купувачот врши 2 уплати – една од 233.415 евра на 21.07.2023 година и втора од 233.153 евра на 01.02.2024 година. Кога ќе се погледне вториот анекс, произлегува дека купувачот првата уплата ја направил со доцнење од договорениот рок на 15.07.2023 година и, згора на тоа, уплатата била помала од договорената сума од 383.798 евра. Истото важи и за втората уплата, која е ем задоцнета ем помала (383.798 евра до 15.01.2024 година). Се на се, со двете трансакции купувачот платил вкупно 467.568 евра, што значи дека му преостанал долг од 983.825 евра.

Во таква ситуација, „МКМ Експрес“ одлучил да го раскине преддоговорот со „АР Груп“, повикувајќи се на одредбите кои пропишуваат дека ако купувачот не ја исплати договорената купопродажна цена, продавачот има право тоа да го стори еднострано. Патем, членот 5 од преддоговорот предвидува дека продавачот има обврска да му ги врати уплатените средства на купувачот во рок од 30 дена откога за истиот деловен простор, и под исти услови, ќе склучи (пред)договор за купопродажба со друго лице, со тоа што на име на надомест на штета и трошоци ќе задржи 10 проценти.

РЕШЕНИЕ ЗА ПРИВРЕМЕНА МЕРКА

Што се случува понатаму? Откако го раскинува преддоговорот со „АР Груп“ поради нецелосно и ненавремено плаќање, „МКМ Експрес“ го нуди деловниот простор на други правни субјекти. Меѓутоа, пред договорите со другите купувачи да се заокружат по пат на солемизација, односно пред новите купувачи да ги исплатат средствата во целост кон „МКМ Експрес“, по што „МКМ Експрес“ од тие средства ќе треба да му ги врати на „АР Груп“ оние уплатени 467.568 евра, „АР Груп“ поднесува тужба со која не ги бара само уплатените средства, туку и дополнителни над 1,1 милиони евра по основ на материјална штета.

Така, постапувајќи по оваа тужба на „АР Груп“, скопскиот граѓански суд носи решение за привремена мерка кон „МКМ Експрес“ на вкупно 1,5 милиони евра. Во решението до кое дојдовме се наведува дека судијката Бисера Стефковска Митиќ го носи ова решение по одржано рочиште минатиот месец (24.02.2026 година), со што се прифаќа предлогот на тужителот за привремена мерка заради обезбедување на парично побарување. Тоа значи дека за барањето на тужителот за поврат на средства во вредност од 97.560.812 денари допрва ќе се одлучува, но се до правосилна судска одлука „МКМ Експрес“ има забрана да располага со банкарските сметки до наведениот износ.

Веднаш откако оваа судска одлука- решение за привремена мерка стасала до деловните банки, тие ја известиле компанијата дека, без оглед на новонастанатата состојба, таа треба да ги исполнува претходно преземените обврски во смисла на плаќање на ратите од кредитите што ги подигнала. Ако тоа не се случи, како што се наведува во допис од една од комерцијалните банки до компанијата, тогаш банката „во согласност со договорените одредби ќе пристапи кон присилна наплата на побарувањата со активирање на инструментите за обезбедување“.

„На ден 02.03.2026 година добиваме известување од банка дека сметката на нашата фирма е блокирана врз основа на Решение ТС-бр.328/25 од Основен суд Скопје 2 на износ од околу 98.000.000 денари. Оваа блокада за нашата компанија претставува голем удар и директно влијае врз ликвидноста. Од целата оваа ситуација се потврдува дека станува збор за корумпиран предмет…“, велат од „МКМ Експрес“, додавајќи донесувањето на блокада на олку висок износ без да се сослуша другата страна е „нелогично, неразумно, безобразно“.

(НЕ)УРЕДНА ДОСТАВА

Освен обвинувања за корупција, од овој став на „МКМ Експрес“ произлегува уште еден симптоматичен елемент, а тоа е, според нивното тврдење, дека судската одлука била донесена без тие да бидат свесни и дека за тоа разбрале откако ги известиле од банките, од причина што не добиле никаква покана од Судот. Дека претставник на компанијата не бил присутен на рочиштето, се потврдува и со самото судско решение, каде, меѓу другото, се наведува дека бил присутен претставник на тужителот „АР Груп“, но тужениот „МКМ Експрес“ бил отсутен, со тоа што Судот тврди дека бил уредно викан.

Во тој контекст, во одлуката на Стефковска Митиќ стои дека Судот на 22.02.2026 година, со писмена наредба, одредил тужбата со предлогот за издавање на привремена мерка да се достави до тужениот на одговор во рок од 3 дена. Таа навела дека Судот направил 2 последователни обиди за достава, но писмото било вратено со назнака „непознат“ и „недоволна адреса“. Тогаш, Судот тврди дека извршил повторно проверка на адресните податоци на тужениот и, според решението, утврдил дека тужениот нема пријавено промена на адресата на седиштето, па поканата за одговор на тужба била објавени на огласна табла.

Во врска со ваквото објаснување од граѓанскиот суд, од „МКМ Експрес“ реагираат дека тенденциозно не се преземале вистински чекори за тие да бидат соодветно известени за тужбата, со цел да подготват одговор, наместо за цела работа да дознаат од банките кои ги затекнале со информацијата за привремената мерка. Во таа насока, прашуваат од таму, ако на судијката навистина и била целта да го добијат решението, зошто не се применила судската пракса за вака голем предмет тоа да биде испратено преку нотар, извршител, адвокат, или, пак, по пат на специјална достава?

Во поткрепа на тоа, од таму ни доставија и судски одлуки кои говорат дека досегашната судска пракса во овој поглед покажува дека судовите за повеќе други граѓански спорови изградиле правен став дека не може да се смета за уредна достава обидот преку пошта, за кој поштата известила дека примачот е со недоволна адреса или непознат. Во вакви случаи, според образложението на Апелацискиот суд, Судот е должен да даде поголеми напори доставата да се изврши, особено што треба да се има во обѕир вредноста на спорот и последиците кои се предизвикуваат.

ИТНО БАРАЊЕ ЗА УВИД

Покрај делот околу (не)доставата на решението, „МКМ Експрес“ нотира уште еден момент кој, како што соопштуваат, им дава право да се сомневаат дека во цел случај има сомнителна позадина. Од таму наведуваат дека кога веќе дознале за блокадата од банките, нивниот правен тим ја исконтактирал предметната судијка Стефковска Митиќ, со цел да го видат предметот за да не го загубат правото на жалба. Како што тврдат од компанијата, судијката на 02.03.2026 година ги известила дека заминала од работа и побарала да ја побараат следниот ден.

Но, кога тие повторно се слушнале следниот ден, т.е. на 03.03.2026 година, судијката рекла дека заминала на боледување и дека ќе се врати на работа за 7 дена. Уште повеќе индикативно за „МКМ Експрес“ е тоа што Стефковска Митиќ била категорична дека не дозволува увид во предметот без нејзино присуство, што значи дека увид не можело да се изврши најмалку една седмица додека е на боледување. Тоа е исклучително битно, од причина што компанијата мора да изврши увид во предметот за да го искористи правото на жалба до повисокиот суд.

Откако адвокатите на „МКМ Експрес“ заклучиле дека сето тоа можеби е стратегија за оневозможување на увид во предметот, а со тоа и оневозможување на поднесување на жалба против решението за привремена мерка до апелацискиот суд, тие поднеле барање за увид и препис на списи во предметот до Основен граѓански суд, адресирано до директно до претседателот на Судот Бесник Авдија. Во ова барање со назната „итно, итно, итно“ стои:

„Одлуката на Судот е донесена без учество на друштвото во постапката, имајќи во предвид дека доставата на тужбата со предлогот за определување на привремена мерка се доставува под многу чудни околности преку огласна табла, со што на друштвото не му е дадено право да расправа пред Судот, а тоа претставува апсолутна повреда на одредбите од ЗПП… Во меѓувреме, до друштвото се доставува одлуката за определување на привремена мерка, на која друштвото има право на жалба во рок од 3 дена. Со цел да се подготви жалба, неопходно е друштвото да изврши увид во предметот…“.

МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА

„Фокус“ стапи во контакт со претседателот на граѓанскиот суд Авдија, кој ни изјави дека работат транспарентно, па во таа смисла го овластил првиот човек на одделот да дозволи увид во предметот. По извршениот увид од страна на „МКМ Експрес“, правниот тим на тужената компанија го оспори решението за привремена мерка преку жалба до апелацискиот суд. Какви наводи содржи жалбата, визави наводите во решението од првостепениот суд, со кој речиси целосно се прифаќа позицијата на тужителот „АР Груп“? Прво, да видиме кои се главните елементи во решението на судот…

Во него се набројуваат аргументи на тужителот, кој навел дека склучил договор со „МКМ Експрес“ за купопродажба на деловен простор, врз основа на кој се извршило предбележување во Катастарот на недвижности. Она што интересно, „АР Груп“ во тужбата навел дека „ги почитувал предвидените рокови и уредно вршел уплати по утврдената динамика според Анекс 2“, што го негира „МКМ Експрес“. Нејсе, во судската одлука стои дека тужителот посочил оти тужениот во 2024 година, преку изјава на нотар еднострано го раскинал преддоговорот и набргу потоа истиот деловен простор го продал на други правни субјекти.

„Наведено е (во тужбата) дека на тужителот (АР Груп) не му биле вратени уплатените парични средства по основ на склучениот преддоговор за купопродажба на недвижниот имот. На овој начин, тужениот (МКМ Експрес) располагал со паричните средства на тужителот и со недвижниот имот, и по негова вина, без исполнување на договореното, му нанел на тужителот материјална штета. Тужителот во многу наврати барал од тужениот да ги исполни своите обврски и да издава фактури согласно преддоговорот и анексите, но тужителот не го сторил тоа и го раскинал преддоговорот“, стои во судската одлука.

Дополнително, во решението на граѓанскиот суд се додава дека тужителот бара тужениот да му ги врати уплатените средства во висина од 467.567 евра, како и плус да му надомести износ од 1.118.786 евра на име на материјална штета поради неисполнување на преддоговорот. Воедно, тужителот побарал Судот веднаш да донесе решение за привремена мерка за обезбедување на вкупното побарување од над 1,5 милиони евра, бидејќи, според него, тужениот во спротивно би можел да ја отежни или осуети наплатата и да ги отуѓи или прикрие уплатените средства со кои до ден денес располагал.

ДОЛЖНИКОТ СТАНУВА ДОВЕРИТЕЛ

На тој начин, тужителот самиот признава дека уплатил само 467 илјади евра за деловниот простор за кој претходно склучил купопродажен договор на износ од над 1,4 милиони евра, т.е. успеал да плати само една третина од вкупната договорена сума, додека по судски пат бара да му се вратат уплатените средства, плус да му се исплатат дополнителни над 1,1 милиони евра по основ на материјална штета или вкупно над 1,5 милиони евра. Тоа што овде е различно е тврдењето на тужителот дека „уредно вршел уплати по утврдената динамика“, наспроти тврдењето на тужениот дека исплатил само 2 рати, и тоа во помала висина и со задоцнување од договореното. Со вештачење нарачано од тужениот, кое е дел од доказниот материјал доставен со жалбата, пак, се потврдува дека тужителот исплатил само 2 нецелосни рати, и тоа со задоцнување.

Како и да е, и покрај очигледниот факт дека тужителот не ги почитувал договорените обврски, ако се знае дека платил само една третина од вкупната сума за деловниот простор, што значи дека деловниот простор никогаш не го имал во владеење, граѓанскиот суд го прифаќа неговото барање и изрекува решение за привремена мерка, каде стои дека Судот оценил оти се исполните условите за изрекување на привремена мерка врз основа на доказите, кои се состоеле од разни документи – преддоговор, имотен лист, банкарски изводи, вештачења…

“Опасноста, освен објективната, треба да ја исполнува и субјективната страна, односно таа да биде сторена веројатна преку конкретни субјективни постапки на должникот/тужениот, што значи дека не е доволно само деклараторно наведување дека должникот ќе го осуети или значително отежни остварувањето на побарувањето, туку доверителот треба ваквите наводи да ги поткрепи со други факти и докази, што, според овој Суд, е сторено од тужителот“, стои во решението на Судот.

Понатаму, во ова решение, потпишано од судијката Стефковска Митиќ, стои дека ваквата одлука е донесена врз основа и на 2 вештачења. Од вештиот наод и мислење на вешто лице Петре Русески, кој извршил процена на недвижниот имот, Судот ја утврди вкупната вредност на недвижниот имот кој бил предмет на преддоговорот и неговите анекси. Од вештиот наод и мислење на вештото лице Сашо Георгиевски, пак, Судот утврдил колку уплати извршил тужителот кон тужениот според предметниот преддоговор.

ИМАГИНАРНО ПОБАРУВАЊЕ

Токму од овие докази, Судот посочува дека ја утврдил висината на побарувањето на тужителот до која е дозволена оваа привремена мерка. Врз основа на вештачењата, Судот со сигурност можел да констатира дека тужителот уплатил 467 илјади евра, но како висината на привремената мерка пораснала за дополнителни 1,1 милиони евра по основ на материјална штета? Едноставно, наводната материјална штета, која е двојно повисока од уплатените средства и претставува 2 третини од вкупното побарување, се базира на проценка на тужителот.

„По однос на враќањето на паричните средства, со тужбата доставено е вештачење кога и колку се платени парични средства од страна на тужителот. Токму од ова вештачење може да се утврди дека тужителот воопшто не ги исполнил обврските од Преддоговорот и Анексот, односно делумно и ненавремено ги исполнил обврските од Анексот 2. Меѓутоа, по однос на материјалната штета не постои вештачење, па логично се наметнува прашањето на кои докази тужителот го поставил и определил побарувањето по овој основ и на кои докази на вака недокажано, имагинарно и фиктивно парично побарување определил привремена мерка“, стои во жалбата на „МКМ Експрес“.

Во такви околности, кога барањето за надомест на штета не е докажано, бидејќи не постои вештачење, тужениот во жалбата наведува дека нема простор да се говори за штета на тужителот во смисла на „претрпена загуба“ или „загубена добивка“. А, штом вакво вештачење не е доставено со тужбата, смета жалителот, во понатамошниот тек на постапката веќе не може да се достави. Во жалбата уште стои дека тужителот немал било каков деловен потфат и никакви правни економски, деловни активности.

„Во состојба кога по предметот за делот на уплатите изготвено и доставено е вештачење од областа на материјално, финансиско и сметководствено работење, но не и за претрпена штета, очигледно е дека тужителот во недостиг на аргументи и докази на основа на кои може да се изработи вештачење за штета, во барањето за вештачење до вештото лице од економска струка не барал да се изработи вештачење за утврдување на штета. Тужителот, како би ја премостил ваквата состојба, посегнал кон симулација на привидни докази“, стои во жалбата.

ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА

Во отсуство на доказ-вештачење за материјална штета, тужениот навел дека тужителот пристапува кон „весела математичка операција“, на начин што како референтна појдовна основа ја зема проценетата пазарна вредност од проценката на недвижниот имот, што, според жалителот, е досега невиден феномен во судската пракса. Во жалбата уште стои дека првостепениот суд погрешно и нецелосно ја утврдил фактичката состојба, како и дека се сомневаат во „девијации во однесувањето“ во врска со наводната неможност Судот да обезбеди достава.

Од таму се осврнуваат и на т.н. прецизирање на тужбеното барање на тужителот, односно на преиначувањето на предлогот: „Очигледно, ваквото преиначување е иницирано од судечкиот судија, кој ја согледал грешката во поднесениот предлог за определување на привремена мерка како неподобен за извршување и спроведување, па не само што укажал на тужителот, туку и преземал процесни дејствија за отстранување на ваквите грешки на тужителот, со активно помагање, давање инструкции па дури и прибавување на документи, како би можел тужителот да го уреди својот предлог“. Тоа, според тужениот, ја доведува под сериозно сомнение непристрасноста на судијата.

Конечно, тужениот во жалбата навел дека побарувањето на тужителот по основ за враќање на парични средства не е доспеано, а со тоа самата тужба е преуранета, така што Судот определил привремена мерка за обезбедување на непостоечко побарување. Според жалителот,  предметниот имот се уште се води на име на тужениот и не постои преддоговор или договор со трета страна со кои тужениот го оттуѓил предметниот недвижен имот, а со тоа да наплатил купопродажна цена. При ваква состојба, стои во жалбата, не е ниту започнат рокот за враќање на паричните средства од 30 дена.

Доколку Судот овозможеше тужениот да го оствари своето основно и елементарно право да расправа, секако дека сите факти и околности ќе се утврдеа целосно и правилно и целата постапка и одлука на судот за привремена мерка ќе беа дијаметрално различни. Повредите на кои се укажува очигледно е дека се сторени со намера или очигледна небрежност по вина на судијата, со што намерно и неоправдано направена е крупна професионална грешка“, стои во жалбата, каде жалителот информира дека повел постапка за оценување на работата на судечкиот судија.

 

Судијката Стефковска Митиќ вели:
СЕКОЈ  МОЖЕ ДА ПОДНЕСУВА ШТО САКА, А НЕЗАДОВОЛСТВОТО ОД ОДРЕДЕНА ОДЛУКА ДА ГО ИЗРАЗИ ПРЕКУ ЖАЛБА!

 

Со оглед на сериозните обвинувања што на нејзина сметка ги испорачува тужениот „МКМ Експрес“, кој во жалбата пред апелацискиот суд нотира дека судијката во основниот граѓански суд во Скопје, Бисера Стефковска Митиќ, постапувала пристрасно, непрофесионално, незаконско во предметот по тужбата на „АР Груп“, се обративме до судијката.

 

Меѓу другото, и упативме прашања поврзани со наводите на тужениот за опструкции при вршење на увид во предметот, за неправење напор за соодветна достава, за одлуката за привремена мерка за обезбедување на 1,5 милиони евра, иако долгот од 467 илјади евра бил недоспеан, а немало вештачење за материјална штета од над 1,1 милиони евра, а воедно побаравме коментар околу барањата за нејзино изземање и оценување.

 

Откако прво испорача дисквалификации за непрофесионално однесување, па дури и за вознемирување поради тоа што прашањата сме и ги пратиле по пат на телефонска порака наместо на официјалната страна на Судот, иако судиите се јавни функционери, ни го достави следниот одговор:

 

„Во судот е заведен предмет ТС1-328/25 и ТС1-329/25 по тужба на тужителот Друштво за градежништво, трговија и услуги АР ГРУП 2022 ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, против тужениот Друштво за дистрибуција, трговија и услуги МКМ ЕКСПРЕС ДОО Скопје, за раскинување на преддоговор за купопродажба на недвижен имот, анекс кон преддоговорот и анекс бр.2 кон преддоговорот, и надомест на материјална штета, вредност на спорот 97.560.812 денари.

 

Тужбата е воедно со предлог за изрекување привремена мерка (поради тоа овој спор носи два судски броја), и истата е поднесена преку адвокат. Овој суд најпрво одлучуваше по предлогот за привремена мерка, а согласно Законот за обезбедување на побарувањата.

 

Примерок од тужбата со докази беше доставена на регистрираното седиште на туженото правно лице, согласно тековната состојба од ЦР, и по 2 последователни неуспешни обиди за достава, од причина што писменото се врати во судот во двата наврати со назнака недоволна адреса и непознат, Судот изврши повторен увид во најновата извадена тековна состојба за тужениот, каде констатираше дека седиштето на тужениот е непроменето и идентично со она на кое Судот вршеше достава, па согласно Законот за парнична постапка, тужбата со сите докази беше објавена на огласната табла на судот.

 

Ова постапување на судот е идентично за сите вакви случаи кога се работи за правни лица и истото е јасно уредено во Законот за парнична постапка. Судот одржа и рочиште за привремена мерка, а со оглед на карактерот на овие постапки кои се од итна и неодложна природа, по одржувањето на истото беше донесено и Решение за издавање на привремена мерка од 24.02.2026 година.

 

Решението веднаш на 25.03.2025 година е од страна на судот доставено на адресните податоци од тековната состојба за тужениот, меѓутоа во судот до денес – 10.03.2026 година не е вратена ниту доставница за уредна достава на истото, ниту пак е вратено писменото како неуредно, поради што Судот не може да ви даде информација во врска со тоа дали тужениот го има примено или не предметното решение.

 

Согласно тоа, предметното решение за привремена мерка не е правосилно, односно истото подлежи на жалба во законски определениот рок по приемот на истото.

 

Во однос на Вашите тврдења дека ова тужено правно лице има намера да поднесува претставки до Судскиот совет, барање за изземање итн., Ви укажувам дека слободна диспозиција на волја е на секоја странка да поднесува што сака и до кого сака, а своето незадоволство од одредена одлука на судот има право секако да го изрази преку редовен правен лек – жалба.

 

Од страна на службите во судот сум известена дека туженото правно лице има ангажирано правен тим од адвокати кои веќе и извршиле увид во списите на предметот и тоа на 05.03.2026 година, следствено наводите дека не се дозволувал увид се крајно неосновани и беспредметни.

 

На крај, во однос на основаноста или неоснованоста на тужбеното барање, судот се уште нема закажано подготвително рочиште по тужбата на кое би се расправала правната и фактичка состојба, и тоа ќе биде се додека решението за издавање привремена мерка не стане правосилно и извршно.

 

Воедно, Ве охрабрувам, доколку се уште сте заинтересирани за конкретниот предмет, да дојдете на рочиштата кога истите ќе бидат закажани, на кои што би можеле вие лично да ги слушнете наводите на двете засегнати странки во оваа постапка“.

 

Исто така, добивме кратка изјава од таткото на судијката – поранешниот полициски функционер во пензија Кирил Митиќ, кого го побаравме откако од „МКМ Експрес“ посочија дека сите предизвици во случајот им започнале откако со Митиќ имале разговор за купување на стан во истиот објект чии деловни простории беа предмет на судскиот спор каде одлучува неговата ќерка, меѓутоа на крајот не успеале да се договорот.

 

Јас не познавам никого од фирмите кои ги споменувате, а камоли пак да  сум стапил во некаков деловен или било каков однос со нив околу некаква купопродажба и друго било што, бидејќи за тоа немам никаква потреба. Јас сум долгогодишен пензионер и вистина е дека имам ќерка која е судија и ништо повеќе – дециден е тој.

 

 

Обид за наплата со закани
СОПСТВЕНИКОТ НА „МКМ ЕКСПРЕС“ ПОДНЕЛ ПРИЈАВА ЗА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА СИГУРНОСТА!

 

Откако „МКМ Експрес“ одлучил да го раскине договорот со „АР Груп“ за купопродажба на деловен простор поради ненавремено и нецелосно плаќање на договорените рати во 2024 година, во компанијата се појавиле лица од скопско Кондово кои тврделе дека го презеле долгот од „АР Груп“ на Абдула Хазири и барале негова наплата со употреба на притисоци и закани.

 

Веднаш потоа, сопственикот на „МКМ Експрес“, Кочо Стојчевски, поднел пријава до Министерството за внатрешни работи, по што се уште постапува Јавното обвинителство во рамки на предмет – загрозување на сигурноста.

 

Во врска со овој случај, од МВР не известија дека на 04.07.2025 година од страна на Одделението за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје е поднесена е кривична пријава по чл.144 ст. 2 од КЗ – „загрозување на сигурноста“, против лицето С.Д, а од ЈО кусо ни одговорија дека надлежниот јавен обвинител презема дејствија за проверка на наводите во пријавата.

 

 

Наменски формирана компанија
„АР ГРУП“ БИЛА ОСНОВАНА НЕПОСРЕДНО ПРЕД КУПОПРОДАЖНАТА ЗДЕЛКА!

 

Компанијата „АР Груп“, врз основа на чие тужбено барање граѓанскиот суд носи привремена мерка за „МКМ Експрес“, е регистрирана со седиште во Сарај на 23.06.2022 година, што е нецел месец пред компанијата да го склучи договорот за купопродажба на деловниот простор (14.07.2022) за над 1,4 милиони евра.

 

Тоа значи дека оваа компанија била наменски формирана од страна на нејзиниот сопственик и управител Абдула Хазири, македонски државјанин кој долги години работи во Германија. За време на овие 3 години од формирањето, компанијата нема вработени и било какви активности надвор од оние поврзана со двете уплати за деловниот простор од 467 илјади евра.

 

За потребите на оваа сторија, се обративме до компанијата и до Азири преку официјалниот мејл заведен во Централниот регистар, како и нивната правна застапничка Ана Синадинова Кецкароска, со неколку прашања поврзани со судската постапка против „МКМ Експрес“.

 

Притоа, прашавме дали можат да приложат докази дека „АР Груп“ ги исполнил обврските од преддоговорот и анекс-договорите, врз основа на кои аргументи бараат времена мерка за обезбедување на дополнителни 1,1 милион евра итн. Досега, одговори не добивме!

Слични вести