Основното јавно обвинителство нареди ново вештачење на видеото и фотографиите од „Тајната фабрика“ за пасоши. Две седмици откако МВР им ја достави дигиталната форензика, Основното јавно обвинителство не го затвора случајот, туку денеска издало нова наредба, но повторно до МВР, за утврдување дополнителни факти и детали од материјалот.
Во соопштението на обвинителството се наведува „Основното јавно обвинителство Скопје констатираше дека е потребно да се изврши дополнување на вештачењето заради давање на одредени појаснувања и да се извршат дополнителни проверки на доставените податоци од анонимниот поднесок, според кој постоела индиција дека непознати сторители сториле кривично дело Фалсификување исправа.
Постапувајќи по анонимниот поднесок од 27.11.2014 година, доставен до Јавното обвинителство на Република Македонија, Основното јавно обвинителство Скопје по приемот и анализата на вештачењето и доставените податоци, се обрати до МВР со нова наредба за преземање на потребните дејствија“.
Од содржината на соопштението непознато останува зошто дополнителното вештачење не е нарачано од независна институција, туку повторно од МВР, но не се открива и што е тоа што недостасува во првичната дигитална форензика.
Тогаш извори на МВР брифираа провладини медиуми дека датумите кога е направено видеото и фотографиите (септември 2014) покажувале дека посошите не можеле да се користат за избори, понатаму дека патните исправи се правеле на дилетантски начин, а дека не одговараат ниту еден матичен број и сериските броеви. Но, јавноста остана без одговори на многу други суштински прашања од доказниот материјал.
Очекувано е сега дополнителното вештачење, ако се направи професионално, без прејудицирање од страна на МВР, да открие чии се сликите на пасошите, зошто на материјалот има турски пасош, чиј е пачетот, дали кориците и обрасците се оригинални?
Дополнителни податоци околу новата наредба не може да се обезбедат затоа што Јавното обвинителство, барем за „Фокус“, е затворено. Откако ќе б иде направено дополнителната проверка, ќе биде поизвесно дали ќе има истрага и посочување одговорни, или пак досието ќе се затвори.