Будење’s year…

by lali

JaniПокрај општата заразеност со вирусот од карираното сукњиче, деновиве сведоци сме дека скоро сите си ја рекламираат изминатата година со фотографии за хронологијата на настани. Покрај тоа Марк сите нѐ части со наслов дека измината година била great. Хм?

Блазе Вас, оваа од далеку не ми личи на great. Имам многу пријатели од општинските организации на СДСМ кои ја објавија хронологијата со great година и прашав неколку: А што беше толку great во 2014? Не добив одговор. Како што не знам дали ќе добијам одговор зошто еден човек поставува и споменик и на него тоалет хартија? Зарем „Палома договорот“ не го потпиша некој близок до човекот? Зошто немав покана за настанот, операторите ќе ги прашам.

Налет, друго ми е муабетот.

Гледам и власта се фали со хронологијата за изминатата година. Коце има слика од златен коњ и лав. Гоца има само пасоши на сликата, Миле земјиште препокриено со евра, Ставрески бунар без дно, кајАхмети има UFC борби, ама фали сликата на Груевски. Упаѓам на профилот кај Грујо и ја пуштив апликацијата за најбитното од 2014. Се појави слика од протестот на студентите и пораката „Будење’s year“. не таа слика од Курир со 500 туку онаа од дронот со 10.000.

Прав спортист, а особено боксер, никогаш нема да потцени противник. Но Груевски ги потцени студентите, мислеше дека некои „негови” професори ќе ги убедат, чистокрвните негови декани ќе ги уплашат. Сепак, студентите му покажаа знаење, автономија, инает, дрскост. Сѐ она што е одлика на млад интелектуалец.

Студентите после првите две рунди водат на поени, но со оглед какви и кои се судиите не смеат да се надеваат дека е можно да победат на поени.  Мора да има нокдаун. Судиите не, ама публиката е на нивна страна. Затоа не смеат да тактизираат и играат на поени. Потребно е грогираниот противник да се дотолчи.

Јас знам дека и утре пред влада студентите ќе ја добијат рундата, но потоа следуваат рунди во кои Противникот ќе удира под појас, ќе се влече низ рингот, а судиите ќе си гласаат за грогираниот боксер во портокалови гаќички со лав на задниот дел. Да немаат дилеми студентите, судиите ќе си гласаат како што ќе им кажат пред мечот, но тоа не значи дека тие треба со наведната глава да се спремаат за следната сесија.

Напротив, треба да се лоцираат пред платото на УКИМ и не само да лудуваат на новогодишниот концерт на отворено туку и да „денсаат“ секогаш кога некој ќе се обиде бирократски да гази по автономијата, знаењето и квалитетот на универзитетот. Само така ова ќе биде будење year, а не Скопје 2014 year.

Во тие рунди, студентите не треба да се срамат ако во својот корнер од рингот имаат и некој политичар, хонорарец, бургијаш, човек од удар. Не само што не треба да се срамат, туку со отворена душа треба да чујат по некој совет, зошто секој од нив, кој искрено од срце навива за нивната победа, знае по некој удар, по некоја слаба точка на противникот.

Затоа, колешки и колеги студенти, не отфрлајте ги советите, без разлика што доаѓаат од луѓе со бели коси и покачен шеќер и седиментација. Пуштете ги професорите во првите редови, и тие ја водат Вашата борба без сопствена амбиција, освен амбицијата да победи правдата.

Ги замолувам медиумите, како што тоа го направив пред еден месец. А бе најмалку е битно кој е чиј, бил нечиј и слично. Дајте му шанса на индивидуалниот пристап. Што има врска ако во првиот ред е девојката на синот на некој или поранешната сопруга на друг некој? Па тоа се индивидуи со свои квалитети, ценете го нивното мислење, а не нивните релации. За да се победи оваа ненародна власт, ни требаат и гласови од оние што се двоумат, тактизираат, играат топло-ладно. Во нивната интерна дилема, пристапот на етикетирање не помага, верувајте ми. Ова не помага за оние што се спремаат отворено да зборуваат за будењето без разлика во чии одам сонувале во изминатиот период.

Мене не ми треба да ја проверам апликацијата на ФБ за хронологијата на настаните, за да знам дека нешто се буди. Очигледно некој ја чисти барата и бели лотосови цветови веќе се појавуваат на површина. Доволно е човек да прошета со една незадоволна фела од ова општество да го осети будењето, гласноста за своите права, крикот за својата иднина.

А Будење’s year се случува зошто популистичките приказни на власта се демистифицираат, паѓаат како кула од карти. Извештајот за загинувањето на претседателот Трајковски е таков случај. Десет години власта и нејзините миленичиња кои никако да измијат коса, ја манипулираа јавноста дека има заговор, па овој бил крив, па оној. Куп гадости и куп глупости. За жал, најчесто пред избори. Вистината полека се пробива, и тоа како шило, само што не врти, туку директно избива.

Затоа нема потреба претерано и навивачки да се глорифицираат статуси на некои актери ако претходно не сме ги фалеле за нивните награди и одиграни рољи. Тие треба да се искористат на паузата од две рунди, како освежување со крпата, како мирисот во носот кој освестува, да се искористат во тактиката на мирно кружење околу противникот и во даден момент за задавање пресуден удар. Да потсетам, оваа борба не може да се добие на поени, туку само со нокаут.

Студентите не треба да ги отфрлат и поразените од 24.12.2012. Особено оние кои се спремни за конечната разврска. Власта е појака од опозицијата, јако и лесно се справува со хонорарците, јако и дрско се однесува кон студентите. Но убеден сум дека во овој момент власта не може да го победи сојузот на солидарност, сојуз  од студенти, хонорарци, дискриминирани групи, пратеници итн.

Тој сојуз на солидарност мора да се обедини околу Македонија, ама поинаква, подобра. Македонија каде здравата јавна дебата ќе ги порази популизмот и владините реклами, Македонија со здраво здравство и образовано образование, Македонија со соживот меѓу граѓаните а не само меѓу министрите, Македонија каде нема дебата за хонорарите ако платата во зоните не е сведена на европска дневница, Македонија во која и политичарите ќе бидат третирани како граѓани, Македонија каде индексот ќе го порази пасошот, а оценките партиските книшки, Македонија со ТВ дуели а не предвремени избори, Македонија во која сите ќе бидат будни за сопствените права.

Разбуди се, за навистина 2015 да биде great year.

Поврзани новости