Јавното обвинителство ја отфрли кривичната пријава поднесена од Транспаренси Интернешенал (ТИ) – Македонија за да се утврди одговорноста на Јавното комунално претпријатие во Прилеп за незаконско плаќање на трошоци за кампањата на изборите во 2014-та. Иако одговорните можеа да бидат повикани на одговорност и казнети со затворски казни, сепак обвинителството оценило дека делото не е дело кое се гони по службена должност.
ТИ- Македонија во соопштението реагира на одлуката и објаснува зошто е погрешна.
„Во конкретниот случај за ангажирањето на работниците на ЈКП “Комуналец” од Прилеп, јавното претпријатие изготвило фактура на 04.04.2014 година, насловена на ОК на ВМРО ДПМНЕ од Прилеп, по која е извршено плаќање во готово за што е издадена на каса-прими од ЈКП Комуналец од Прилеп кон ОК на ВМРО ДПМНЕ Прилеп. Плаќањето реализирано на овој начин не е прикажано ниту во еден од извештаите доставени до Државниот завод за ревизија од лицето одговорно за изборната кампања. Со ова сторени се две дејствија спротивни на Изборниот законик: а) Извршено е незаконско плаќање во готовина и б) утврдено е дека не сите средства кои се користени за плаќање на трошоците во кампања се исплатени од единствената трансакциска сметка како што тоа го налага членот 71 од Изборниот Законик.“- објаснуваат од ТИ.
За ова, организацијата пријавила во надлежните институции со очекување дека одговорниот за партиската кампања ќе биде одговорен.
„Во образложението на обвинителството е наведено дека од страна на Изборната кампања за претседателски избори 2014 година е извршено жирално плаќање од страна на ЈП Комуналец Прилеп, односно дека до Државниот завод за ревизија,е поднесен втор финансиски извештај за приходите и расходите на жито сметката, за период од 24.03.2014 година до 25.05.2014 година, во кои извештај се прикажани сите расходи направени од трансакционата сметка, меѓу кои и трошоци направени за превозни-транспортни услуги. Оттука, според Јавното обвинителство, произлегува дека не станува збор за незаконито плаќање во готовина туку за легално обезбедени средства, кои биле уплатени преку трансакциона сметка во текот на изборната кампања. Меѓутоа, од добиениот одговор може да се констатира дека жиралното уплаќање од страна на ВМРО-ДПМНЕ е извршено на ден 22.05.2014, односно по поднесената кривична пријава до Јавното обвинителство на 02.05.2014 година. Во одлуката Јавното обвинителство не дава одговор на тоа зошто дури по дваесетина дена откако ТИ-Македонија поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство е извршена уплата на трансакциска сметка, истата се смета како регуларна, и каде завршиле парите кои првично биле исплатени во готовина?“- стои во соопштението.
Слаѓана Тасева, дополнително на социјалните мрежи напиша:
„Илија Димовски и овојпат се извлече: Обвинителството уште еднаш покри и оправда незаконито/криминално однесување. Она што спротивно на закон е платено во готово и од нелегални пари е покриено од страна на обвинителството! Веке стана вообичаено обвинителството наместо да ги гони да ги оправдува криминалните однесувања. Дали обвинителите станаа соучесници и дел од проблемот?“