Обвинителството бара притвор за возачот од сообраќајката кај Ново Лисиче, бил пијан и возел брзо

by fokus

Обвинителството бара притвор за 21-годишниот скопјанец кој е осомничен дека ја предизвикал сообраќајката во Ново Лисиче, а во која загина возач на друг автомобил,а неговата малолетна ќерка беше тешко повредена.

-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 21-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик, велат од Обвинителството.

Оттамуу даваат детали за несреќата.

-На 26 јануари околу полноќ, осомничениот управувал автомобил „Рено меган“ со скопски регистарски ознаки на булеарот „Видое Смилевски Бато“ во Скопје, во насока од запад кон исток. Притоа не се придржувал кон сообраќајните прописи – со автомобилот управувал со брзина поголема од 50 километри на час што е максимално дозволена во населено место и под дејство на алкохол со концентрација од 0,57 промили алкохол во крвта. Кога се приближил до крстосницата со сервисна улица која води кон трговскиот центар „Лиса“, тој навлегол во крстосницата на вклучено црвено светло кое означувало забрана за минување во неговиот правец на движење.

Со предниот дел на возилото осомничениот удрил во страничниот лев дел на автомобил „Фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки, кој се движел од сервисната улица кон булеварот. При несреќата, возачот на автомобилот „Фолксваген“ се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место, а неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот, се здобила со тешки телесни повреди.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, ценејќи дека има можност тој да се даде во бегство, да се обиде да влијае врз сведоците во постапката или да го повтори делото, велат од Обвинителството.

Поврзани новости