Обвинителство за „Пациент“: Кај Бујар Османи немало ниту свест, ниту волја за извршување на кривичното дело

by Frosina Fakova

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, од редовите на ДУИ немал ниту свест, ниту волја за извршување на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, утврдило Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое на 21 јуни ја запре постапката за случајот „Пациент“ против сегашниот вицепремиер, а поранешен министер за здравство која ја отвори сега веќе згаснатото СЈО.

-Постапката за ова лице е запрена бидејќи делото што му се става на товар не е кривично дело за кое се гони по службена должност. Од прибавените материјални и вербални докази обвинителството утврди дека отсуствуваат објективните и субјективните обележја на кривичното дело, односно дека кај осомничениот не постои неизвршување на службената должност, ниту умисла за сторување на делото. Имајќи ја предвид тендерската документација и бројните прилози кон понудите по огласите за јавна набавка, обвинителството врз основа на доказите прибрани во истрагата, утврди дека осомничениот постапувал во рамките на своите службени овластувања. Со прифаќањето на предлозите на Комисијата за јавни набавки за избор на најповолна понуда по двата огласи, кај осомничениот немало свест за делото, ниту волја за негово извршување. Истражната постапка е завршена во март годинава. Во тек е доставување на известувања на другите осомничени, по што ќе бидат донесени јавнообвинителски одлуки, се вели во образложението на Обвинителството.

Истрагата ја обелодени тогашната специјална обвинителка, Катица Јанева која сега е осудена, на едно нејзино телевизиско гостување. Со оваа истрага СЈО сакаше да испрати порака дека ниту функционерите на ДУИ не се амнестирани во ова Обвинителство.

Предметот го водел тогашниот обвинител во СЈО, Трајче Пеливанов. По згаснувањето на СЈО и апсењето на Јанева, сите предмети од СЈО преминаа во редовното Обвинителство и засега нема информација дека некоја истрага којашто била почнато во СЈО резултирала со обвинение.

Османи беше осомниен дека како министер за здравство одобрил незаконски јавни набавки за градежни работи во повеќе болници низ Македонија со што го оштетил буџетот од 500 илјади евра.

Наместо да изберат најповолна понуда, ја избрале фирмата ГБС Благоевград, иако била поскапа од другата фирма што аплицирала на тендерот.

Во 2010 година четворица од осомничените, Фатмир Авмедовски, Бетим Љамалари, Менсур Ибрахими и Жаклина Чагороска, како одговорни лица – претседател и членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за здравство на РМ, при вршење на јавна набавка бр 02/2010 за изведување на градежни и градежно – занаетчиски работи во повеќе Јавни здравствени установи низ Македонија, поднеле незаконит предлог за избор на најповолна понуда, а осомничениот Бујар Османи, како министер за здравство, наместо да го одбие предлогот на Комисијата, донел решение за избор на најповолна понуда на понудувачот ГБС – Благоевград – Република Бугарија.

Поврзани новости